Камчев излегува од притвор, прифатена гаранцијата од скоро 11 милиони евра

Од:

По неполни десет месеци во притвор, Орце Камчев излегува од затворот „Скопје“ во Шутка, дознава „А1он“. Кривичниот совет на Апелација одлучи да ја прифати гаранцијата од скоро 11 милиони евра. Нему му е укинат притворот, но патните исправи му остануваат во суд. Информацијата ја потврдуваат од Апелација. Оттаму посочуваат дека сега, ќе треба да се завршат процедурите за запишување на хипотека, по што, Камчев ќе се брани од слобода во случајот „Плацови на Водно“. Бидејќи Камчев е на лекување во болницата „Систина“, каде ја дочека Новата година, тој практично нема да се врати во затворот, туку директно заминува дома по третманот.

„Уважена е жалбата и укината е мерката притвор со прифаќање на гаранција. 10.996.453 евра, дел е во недвижности, дел има и во готовина“,  велат од Апелација за „А1он“.

„А1он“ исконтактира и со неговиот адвокат Еленко Миланов, кој посочи дека тие поднеле две жалби од кои едната за здравствената состојба на Камчев, а другата била за ослободување со гаранција. Миланов не знаеше во детали да каже од што се состои гаранцијата, но посочи дека дел се недвижнини, а дел готовински средства.

Оваа гаранција е за шест пати повисока од онаа која ја понуди во септември минатата година. Тогаш, судот ги одби 1,8 милиони евра понудени за слободата на Камчев. Драстично зголемената гаранција доаѓа откако Сашо Мијалков, со скоро исто толку средства, успеа да ги убеди судиите во Апелација дека нема да избега ако се брани од слобода.

Камчев беше уапсен и спроведен во Кривичен суд во март минатата година. Прво, полицијата го спроведе во станица, а потоа, беше донесен пред судија на претходна постапка. Обвинителката Лиле Стефанова беше децидна дека Камчев спрема бегство за да се спаси од кривичен прогон за предметот „Плацови на Водно“ каде е обвинет. Тогаш, обвинителката Вилма Русковска кажа дека информацијата за бегство дошло од тајната полиција на АНБ. Откако му беше одреден притворот, Камчев за „А1он“ негираше дека планирал бегство и рече: „Ма какво бегање бе…“.

Во текот на десетте месеци поминати во притвор, Камчев обвинуваше дека врз него била вршена тортура во затворот. Директорот на затворот, Филип Андов, го негираше тоа. Тогаш, тој посочи дека Камчев е максимално заштитен. Тортура, не констатираше ниту Народниот правобранител. Одбраната на Камчев поднесе и кривични пријави против судиите кои му го одредија притворот, но нема информација дали се процесуирани. Додека беше во затворот се жалеше и на здравствени проблеми, како и дека не му биле овозможени прегледи. Овие наводи беа негирани од директорот на затворот.

Притворот на Камчев беше продолжуван на секои 30 дена, бидејќи судиите беа децидни дека може да избега.

Би можело да ве интересира

Почина Гоце Камчев, основач и претседател на „КАМ маркет“

Горан Наумовски

Камчев е на слобода, двете години затвор намалени за четири месеци со спојување на казните

Кристијан Ландов

„Жената лута“ рече Камчев за Катица Јанева која го праша: Точно ли е дека „Стопанска банка Битола“ е пералница на пари?

Кристијан Ландов

Боки 13 го испрашуваше Камчев, бизнисменот тврди дека не разговарал со Заев за „Империја“ туку за рекет од „1ТВ“

Кристијан Ландов

Камчев со имот на една фирма во четири градови, гарантира дека нема да бега

Кристијан Ландов

Камчев излезе од затворот во Шутка, за Божиќ ќе биде дома откако Нова година ја помина во „Систина“

Кристијан Ландов