Дали премиерот Зоран Заев може привремено да ја извршува функцијата министер за финансии до изборот на нов и дали тоа е сива зона и правен вакуум кој донесе дилеми и кај правните експерти. Мислењата се спротивставени, а дилемите се очекувани и оправдани – колкав е тој привремен период во кој Заев ќе ја извршува функцијата министер, кој е мотивот поради кој Заев е толку упорен да застане на чело на ова Министерство и дали со овој потег не им се одзема правото на пратениците да избираат министри.
Постојат две интерпретации за оваа ситуација, која вторпат се случува во историјата на независна Македонија кога во 2001 година тогашниот премиер Љубчо Георгиевски привремено ја презеде функцијата министер за одбрана по оставката на Љубен Пауновски.
Првата интерпретација е дека Владата е колективно тело и дека Заев има право да ја преземе функцијата, а притоа да не биде формално изгласан во Собранието, со што ќе го избегне укажувањето од антикорупциската комисија дека премиер истовремено да биде и министер е спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси бидејќи двете функции се неспојливи.
Членот 89 од Уставот, пак, вели: „Функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење други јавни функции или професии“.
Втората интерпретација за новонастанатата ситуација е дека станува збор за правен вакуум и сива зона во правото, која не е децидно регулирана во законите за Владата и за организација и работа на органите на државната управа. Нејасно е, на пример, колку би траело тоа привремено извршување на функцијата министер за финансии и дали тоа би значело дека тоа привремено се однесува до наредната реконструкција на Владата, која е можно и да не се случи до крајот на владиниот мандат.
Во секој случај, според изјавите на правниците, овој потег на Заев не е незаконски, но може да биде предмет на разни интерпретации.
Според професорот по уставно право Светомир Шкариќ, одлуката Заев да биде привремено на чело на Министерството за финансии е подобро отколку да бил избран за министер во Собранието.
„Бидејќи Владата е колективно тело, тој може да помага во министерствата додека да се најде решение. Тој е прв министер, а сега сакаше да биде и втор министер. Привременото извршување на функцијата не е регулирано со закон, туку станува збор за теоретско објаснување, за природата на парламентарната влада. Тој го води тимот и ваквата пракса е позната во другите земји. Мое мислење е дека треба да има правна регулација. Тоа е привремено извршување на функцијата, но нема законски одредби, па со тоа не се знае колку време може да ја извршува. Мене ме радува што прави корекција со оглед дека претходно имаше судир на интереси“, вели тој.
За прашањето колку време ќе ја врши привремената функција, Шкариќ тврди дека тоа е оставено самиот Заев да одлучи.
Уставниот судија Осман Кадриу вели дека со овој чекор на Заев се злоупотребува правото и дека зад ваквото преземање на функцијата мора да постои некаков интерес.
„Ова што го прави премиерот е нечуено. Тевдовски на некој начин беше добар министер. Заев го фалеше, а сепак го разреши и потоа се назначи себеси, а тоа значи дека тука мора да има некој интерес. Заев требаше да се откаже од премиерското место ако веќе сакаше да оди во Министерството за финансии. Направи лоша работа, а граѓаните му дадоа лоша оценка“, вели Осман Кадриу.
Професорот по уставно право Темелко Ристески вели дека во случајот нема пречки со Уставот, но дека се отвора прашањето колку добро премиерот ќе може да ги врши двете функции.
„Во јавноста настана забуна, но во земјите од регионот и Европа имало такви примери. За илустрација, во бившата СФРЈ се сеќавам во еден период Јосип Броз Тито истовремено беше на три функции, беше претседател на Републиката, претседател на влада и министер за одбрана“, изјави Ристески за „А1 он“.
Премиерот Зоран Заев на денешната седница на Собранието рече дека Уставот и Законот за Владата дозволуваат премиерот да биде и министер.
„Сепак, му дадов налог на Кабинетот да ја повлече мојата кандидатура за министер за финансии. Во согласност со овластувањата со Законот за Владата, ќе раководам со Министерството за финансии сè до изборот на нов министер“, рече тој.
Претходно, антикорупциската комисија испрати допис до Собранието во кое се вели: „Во случај кога претседателот на Владата на Република Северна Македонија би се избрал за министер за финансии, ќе настане повреда на одредби утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, при што ДКСК ќе биде принудена да преземе конкретни мерки во согласност со своите надлежности“.