„Југохром“ од Јегуновце започна со гасење на печките, по вчерашната одлука на Државниот инспекторат за животна средина за престанок на работата на комбинатот, информира денеска раководството на компанијата.
– Одлуката на Државниот инспекторат за животна средина ние мораме да ја почитуваме и започнавме со гасење на печките во текот на изминатата ноќ. Бидејќи станува збор за технолошки процес постапката оди постепено и до полноќ односно за 24 часа од почетокот на гасењето, сите печки на фабриката ќе бидат изгасени, изјави генералниот директор на „Југохром“ Васко Скендеровски.
Тој посочи дека побарале продолжување на рокот за поставување на системот за отпрашување бидејќи од рокот што го добиле на 31 октомври 2014 околу 20 месеци чекале за добивање на дозволата за градба што се случило на први јули годинава.
– Оттогаш е направено многу, поставени се бетонските темели и сега треба да се постави челичната конструкција. Сакавме продолжување од 18 месеци што ги загубивме со администартивната процедура, но немаме добиено одговор од Владата на ова наше барање по што започнавме со гасење на печките, рече Скендеровски.
Тој најави дека ќе продолжат со градежните работи за поставување на системот за отпрашување, но напомена дека во услови кога фабриката не работи активностите ќе се одвиваат со забавено тепмо. Очекува дека до средината на следната година овој систем ќе биде поставен. Скендеровски најави дека во следните денови ќе одржат состанок заедно со сопственикот по што ќе се реши како ќе продолжат понатаму и што ќе биде со работниците што моментално се вработени во „Југохром“.
Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети вчера изјави дека Инспекторатот за животна средина донел решение за престанок на работата на „Југохром“. Според Амети, ова решение било донесено согласно законските прописи и претходните одлуки што го обврзуваа овој комбинат до вчера да постави систем за отпрашување.
– Иако за ваква одлука можеби нема согласност од сите засегнати страни, меѓутоа инспекторатот постапил според позитивните закони на Република Македонија. Не било лесно да се иницира ваква одлука имајќи ја предвид социјалната компонента и важноста што ја има работата на овој комбинат за вработените во фабриката меѓутоа за нас пред се е најважно здравјето на граѓаните, изјави Амети.
Конечното решение за запирањето на работата на „Југохром“ односно постапување по ова барање на државниот инспекторат за животна средина треба да го донесе Владата како колективен орган на своја седница. Пред две години управата на „Југохром“ од Владата доби продолжување на рокот за поставување на систем за отпрашување заклучно со вчера.