Вчера во прифатилиштето на ЈП Лајка, Скопје беше донесено куче во тешка состојба и во бесознание, жртва на свирепо насилство. Човекот којшто го донесе кучето, самиот сведок на настанот, случајот со доказниот материјал ги пријавил во полиција
Вчера А1он објави дека човек со стап пред очевидци и со над 20 удари по главата, безмилосно претепа бездомно куче.
А1он дојде до снимката кога кучето влегло во складиште во Момин Поток, а еден од присутните во дворот, за кој се претпоставува дека е сопственикот зема стап и безмилосно удира по кучето.
Кучето, среден раст на возраст до 2 години беше примено од наша страна во животно-загрозувачка, полусвесна состојба, со видливи повреди на телото, особено на главата, контузии на главата и оток, со крварење, тешко дишење и посекотини од остар предмет. Човекот кој го донесе кучето посведочи дека тоа се здобило со најмалку 10 удари со метален предмет во пределот на главата, велат од ЈП Лајка.
„Претепаното куче е под ветеринарен надзор и терапија во ЈП Лајка, но неговата состојба ни денес не е променета и неговата здравствена состојба е неизвесна. И додека кучето се бори за живот, Јавниот обвинител надлежен за случајот го пуштил сторителот не продолжувајќи му ја мерката притвор. ЈП Лајка ќе поднесе кривична пријава против сторителот и соучесниците во кривично-правниот настан и следствено бараме да се изрече највисока казна затвор согласно Кривичниот закон. Вакви монструозни дејанија не смеат да поминат неказнети“, велат од ЈП Лајка.