Министерот за одбрана, Зоран Јолевски во рамки на посетата на САД, вчера оствари работна средба со сенаторот Џон МекКејн, со конгресменот Мајкл Конавеј, а имаше и работен ручек со сегашни и поранешни високи функционери во администрацијата и креатори на јавното мислење.
На средбата со сенаторот МекКејн, соопшти денеска Министерството за одбрана, Јолевски се заблагодарил за поддршката која САД ја дава на нашата земја, особено на Армијата на Република Македонија.
Тој нагласил дека Република Македонија е кредибилен и достоен партнер, кој знае да возврати кон искажаното стратешко партнерство и пријателство и оти секогаш ќе биде со САД онаму каде што е најпотребно.
Сенаторот МекКејн се заблагодарил за поддршката која Република Македонија ја даваше и ја дава кон мирот и безбедноста, преку учество во мисијата во Ирак и особено во мисијата ИСАФ во Авганистан.
Во однос на проширувањето на НАТО сенаторот МекКејн изразил разочараност, затоа што, како што истакнал, тој е еден од оние кои го поддржуваат проширувањето на Алијансата.
За време на средбата, сенаторот МекКејн посочил дека при неговата последна посета во Авганистан се сретнал и со македонските мировници, за кои слуша само пофални зборови. МекКејн изразил желба да ја посети Република Македонија.
Министерот Јолевски потенцирал дека Владата на Република Македонија останува посветена на евроатлантските интеграции и оти ќе продолжи со активностите за постигнување на овие цели. Воедно станало збор и за учеството на кадети од Државниот универзитет Аризона на „Летниот кампус“ во Криволак, како и за воспоставување соработка со Воената академија.
Конгресменот Конавеј на средбата со министерот Јолевски истакнал дека ќе направи сè што е во негова моќ да придонесе за побрз пристап на Македонија во НАТО, што позитивно би се одразило на целиот регион и пошироко во поглед на мирот и безбедноста.
Во текот на денот министерот Јолевски се сретнал и со претседателот на реномираниот „тинк тенк“, Џим ДеМинт, при што доби уверување дека оваа институција ќе даде целосна поддршка на евроатланските аспирации на Македонија.