Јолевски: Ги исполниме критериумите, НАТО треба да донесе одлука за членство

Од:

Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска во Рим претседаваше со сесијата насловена „Патот до интеграција“ којашто е дел од конференцијата што ја организира Одбранбениот колеџ на НАТО.

Јолевски истакна дека членството во ЕУ и НАТО е од стратегиско значење за Република Македонија, но и за Европа и оти е неопходно Европа да најде методи за да ги забрза интегративните процеси за преостанатите земји од Југоисточна Европа.

– Промените во геополитичкото опкружување во Европа и во светот укажуваат на потребата од стратешки пристап кон забрзување на интегративните процеси на земјите од Југоисточна Европа, бидејќи статус-кво ситуацијата во нивните интеграции е неодржлива, рече министерот Јолевски.

На сесијата, како што соопшти Министерството за одбрана, било истакнато значењето од интеграција на земјите аспиранти за членство во НАТО од Југоисточна Европа. Говорниците посочиле дека на членството во Алијансата треба да се гледа од аспект на зачувување и унапредување на регионалната стабилност и безбедност.

Покрај министерот Јолевски, на сесијата учествуваа и поранешниот министер за надворешни работи на Словенија, Димитриј Рупел, генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ, претседателот на Атланскиот совет од Тирана, Аријан Старова и Брук Смит-Виндзо од Дивизијата за истражување на Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим.

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ оцени дека сите земји од регионот треба да почнат преговори за членство во ЕУ и дека Европската комисија треба да биде поактивна во надминувањето на билатералните разлики меѓу земјите – членки на Унијата и државите од регионот.

На конференцијата беа изнесени мислења и во однос на последните активности за членството на Црна Гора во НАТО и потребата од продолжување на проширувањето на Алијансата со Македонија и Босна и Херцеговина, имајќи ја предвид новата геополитичка реалност и предизвиците со актуелната мигрантска криза.

Целта на конференцијата е да даде дополнителен придонес за безбедноста на меѓународната заедница гледајќи од перспектива на политички и стратешки размислувања, а во насока на интеграција на останатите земји од Балканот и безбедносните случувања во регионот и Европа.

Би можело да ве интересира

Руте: Три земји-членки на Алијансата не даваат согласност за членство на Украина во НАТО

Зеленски: Ќе се откажеме од членството во НАТО ако добиеме силни безбедносни гаранции

„Њујорк тајмс“: Украина го отфрла предлогот на Трамп за Донбас и членството во НАТО

„Аксиос“: САД се подготвени да ѝ понудат на Украина безбедносни гаранции моделирани според Член 5 на НАТО

Во американскиот Конгрес поднесен предлог-закон за повлекување на САД од НАТО

Шекеринска: Русија врши хибридно влијание врз БиХ и Балканот

А1он