Јин Лисјен: Кина отсекогаш била стабилна поддршка за европската интеграција на Македонија

Од:

Дваесет отсто од светската популација вечерва ќе ја испрати старата и ќе ја пречека кинеската Нова година. Вечерва се слави кинеската Нова година, што претставува најважниот празник за Кина и за кинеските граѓани и оние во земјата и оние кои се раселени на сите континенти во светот.

Одбележувањето на кинеската Нова година ја предизвикува најголемата миграција во светот. Милијарди Кинези се враќаат во своите домови за одбележување на празникот, како во внатрешноста на земјата, така и оние кои живеат надвор од Кина. Оваа година се очекува таа миграција да опфати околу две милијарди и 990 милиони луѓе.

Ова е најдолгиот кинески празник, трае 15 дена, а за неговото значење, традициите, но и за значењето на Годината на прасето и за доминатната црвена боја разговаравме со кинеската амбасадорка во Македонија, Јин Лисјен.

Амбасадорката Лисјен во интервјуто за МИА на македонските граѓани им порача напредок и благосостојба, нешто што е обележје на оваа Година на прасето.

Разговараме за традициите што се карактеристични за различни региони во Кина, за нејзиното родно место Пекинг, но и за соработката меѓу двете земји во сферите на економијата, културата, образованието, туризмот.

Нагласува дека Кина отсекогаш била стабилен поддржувач на Македонија на нејзиниот пат за членство во ЕУ и додава дека механизмот 16 + 1 е корисна рамка за соработката меѓу Пекинг и Унијата. Кинеската амбасадорка изрази надеж дека во кинеската Нова година Македонија и Кина успешно ќе ги искористират шансите од иницијативата 16+1 и проектот „Еден пат и еден појас“.

Влегуваме во кинеската Нова година, вие како амбасада веќе одржавте прием, ќе може ли да ни кажете кога точно е почетокот Празникот на пролетта?

Празнувањата за пречекот на кинеската Нова година обично трае 15 дена, од првиот ден според Лунарниот календар до 15. ден – кога се слави Празникот на фенерите, а оваа година ќе биде во период помеѓу 5 и 19 февруари.

Според традицијата, последниот ден на старата година е најважниот. На овој ден во текот на вечерта целото семејство мора да се собере заедно. Членовите на семејството изразуваат благодарност за собирањето и за хармонијата во семејството, но и посакуваат желби за уште побогат живот во следната година.

Изминатите години, благодарение на брзиот развој на сообраќајната мрежа се повеќе Кинези се враќаат во своите домови побрзо, поудобно и побезбедно. Се очекува оваа година, пред и по празникот  околу две милијарди и 990 милиони луѓе да се вратат во своите домови или да патуваат како туристи со помош на средствата на железничкиот, патниот, воздушниот и водениот сообраќај. Ваквото раздвижување Кинезите го нарекуваат „Период на пролетно движење“.

Секоја година е на различен датум, како се пресметува почетокот?

Пролетниот празник на Кина го означува доаѓањето на Новата година, но празникот се паѓа на различен датум. Кинезите користат свој традиционален календар, кој буквално значи земјоделски календар. За разлика со соларниот календар, што е изработен според движењето на Сонцето, традиционалниот кинески календар е создаден врз основа на движењето на Месечината и на Сонцето, затоа се нарекува Лунарен календар. Поради тоа првиот ден од Лунарниот календар обично е различен во однос на тој кај Соларниот календар. Се менува во период од 19 години.

Ова е Годината на прасето, едно од 12. животни во кинеската астрологија, може ли да ни кажете според кинеските верувања што значи Годината на прасето?

Кина е традиционално земјоделска земја, а прасето е традиционален  добиток и зазема важно место во кинеската култура. На пример хиероглифот за „куќа“е составена од два дела, кров и едно прасе на долната страна. Со ова се покажува, дека ако има прасе, тоа е вистински дом. Во Кина прасето се смета за богатство и добра среќа, а доаѓањето на Годината на прасето, исто така, означува напредок и просперитет.

Како вообичаено се одбележува Кинеската нова година, дали се разликува од регион во регион и како се одбележува онаму од каде што потекнувате Вие?

Пролетниот празник го означува доаѓањето на пролетта, почнува нов животен циклус и луѓето со радост и надеж го очекуваат овој момент. Кина е голема земја и нормално е дека има разлики во обичаите, но основите на одбележувањето се исти.

Подготовките почнуваат една недела пред почетокот на Новата година, луѓето ги нарекуваат овие денови „Денови за пречек на пролетта“ или „Денови за чистење на куќата“. Потоа следува интензивно пазарување на различна сезонска храна, апетисани, подароци, нова облека … А потоа следува декорација на домот, од двете страни на рамките на вратите се лепат празнични пролетни украси, а на самите врати се ставаат декоративни украси со слики со бесмртните заштитниците или со хиероглифот за „среќа“. Се разбира црвените фенери се задолжителни, а исто така и фигурите од сецкана хартија, што ја покажуваат уметничката умешност на домаќините и тие ги красат прозорците на секоја куќа.

Според традицијата, вечерата на последниот ден на старата година не треба да се спие, мора цела ноќ да бидеме будни, за да ја пресретнеме првата секунда на Новата година. Сите членови на семејството мора да се вратат дома да се соберат заедно на масата, да јадат, да разговараат за тоа како дотогаш им минал животот, меѓусебно да се поздрават и да ги изразат своите надежи за иднината.

Во минатото во ваквите мигови сите излегуваа надвор на улиците и палеа огноменти и пукаа петарди. Секако изминатите години ова се поретко се случува поради зголеменото загадување на воздухот.

Во северна Кина има традиција во овој период постојано да се јадат мантии (кнедли), што го означуваат преминот од старата во Новата година. Во јужна Кина луѓето го одбележуваат почетокот на Новата година со Ниaн Гао (Nian Gao), јадење направено од глутенски ориз, кој се пржи. Ова јадење означува наредок во иднината.

На првиот ден на Новата година најважно е да облечеме нова облека и да ги посетиме повозрасните во семејството, за да им ја честитаме Новата година и да им посакаме здравје. Ако семејството е големо или ако има многу пријатели понекогаш процесот продолжува десетина дена. Кога во домот доаѓаат мали деца тие добиваат црвени коверти со пари како подароци од повозрасните.

Јас лично потекнувам од Пекинг и таму имаме свои специфични обичаи, на пример Миао Нуј (Miao Hui). Тоа е пазар организиран пред храмовите или парковите каде се поставуваат штандови со најразлични видови подароци, деликатеси и многу претстави и перформанси.

Преовладува црвената боја, може да ни кажете зошто е тоа така?

Кинеските предци верувале дека црвената боја е симбол на Сонцето, оган и крв. Сонцето значи раст, огнот ги изгонува дивите животни, а крвта претставува живот. Тие сите се црвени. Може да се каже дека предците на Кина преку црвената боја ја изразуваат нивната почит кон природата и животот.

Освен ова верување црвената боја исто така лесно се наоѓа во природата, на пример Cinnaba или црвено железо. А од династијата Џу во 11. пред нашата ера, луѓето почнуваат да го сметаат оганот за еден од петте основни елементи, кои го формираат светот, а црвената е бојата на огнот и оттогаш наваму се одржуваа таа традицијата на обожавање на црвеното.

Од 15. век Кинезите и даваат ново значења на црвената боја, ја поврзуваат со среќа и празнување. Оттогаш црвената боја стана и најважен елемент на свадбите, на одбележување на раѓањето на деца, но и на сите важни празници. Од сите овие причини црвената боја стана симбол на среќен живот, но и на храброст, па така луѓето ја нарекуваат „кинеско црвено“.

Македонија и Кина лани одбележаа 25 години од дипломатските односи. Како ги оценувате односите со нашата земја ?

Во текот на изминативе 25 години, особено од почетокот на 21. век па досега, кинеско-македонските односи се развиваат стабилно и покажуваат добра тенденција во развојот. Базирајќи се на заемното почитување и справедливо однесување двете земји искрено соработуваат и пријателството меѓу двата народа се продлабочува.

Економската и трговската соработка опфаќа се повеќе сфери. Македонското вино и мермер најдоа голем пазар во Кина, возовите што се произведени во Кина се возат низ Македонија, а изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид од страна на кинеските компании, продолжува да се одвива стабилно. Може да се каже дека заемната соработка помеѓу двете земји донесе заеднички интереси и добивка за двата народа.

Исто така во сферата на образованието и здравството меѓу двете земји е реализирана успешна соработка. Проектот на дигиталната образовна мрежа, што е со инвестиции од Кина наскоро ќе биде завршен и со тоа ќе се овозможи 27 училишта во Скопје заедно да ги споделуваат образовните ресурси. Во Македонија почна да се користи и традиционалната кинеска медицина за која има особен интерес од граѓаните на оваа земја.

Со интензивирање на неофицијалните контакти помеѓу Кина и Македонија, бројот на кинеските туристи кои ја посетиле Македонија во 2017 година надмина десет илјади, а исто време над илјада Македонци ја посетиле Кина заради бизнис или заради образование.

Кинеските и македонските градови Нанчан и Скопје, Далиен и Охрид, Уши и Кочани, станаа братски градови. Блиските контакти овозможија повеќе млади луѓе од двете земји да стапуваат во брак.

Со отворањето на Институтот Конфучиј при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје во текот на изминативе пет години, вкупно илјада граѓани посетувале курс по кинески јазик. Неодамна прв пат Македонската филхармонија одржа концерти во седум градови во Кина и притоа имаа можност да ја претстават македонската култура и отворија новите видици кон Кина.

Кина отсекогаш била стабилна поддршка за европската интеграција на Македонија. Во рамките на соработката меѓу Кина и земјите од Средна и Источна Европа – иницијативата 16+1 двете земји реализираат пријателски контакти и соработка. Механизмот 16 + 1 е корисна рамка за соработката меѓу Кина и ЕУ.

Во Новата година искрено се надевам дека двете земји успешно ќе ги искористират шансите од иницијативата 16+1 и проектот „Еден пат и еден појас“, а исто така и можностите од соработката меѓу Кина и Европа.

Се надевам дека со заеднички сили ќе обележиме нов потенцијал за соработка и ќе реализираме продлабочување на пријателството помеѓу Кина и Македонија, врз основа на комплементарните предности и вин-вин соработката.

Што ќе им посакате на македонските граѓаните во претстојната Година на прасето?

Во традиционалната култура на Кина Годината на прасето означува перспектива за богат и удобен живот. Искрено и посакувам на Македонија, како наш пријател, да одбележи нов и континуиран напредок,  народот да живее во поголема благосостојба! Освен ова посакувам пријателството меѓу кинескиот и македонскиот народ да биде уште подлабоко и уште поуспешно.

Би можело да ве интересира

Како гласаa Македонија и регионот за резолуцијата со која се зацврстува статусот на Палестина во ОН

ДПА: Десничарската опозиција слави победа на изборите во Македонија

Вучиќ: Србија и Кина напорно работеa за да ги развијат односите

Кинескиот претседател Џипинг денеска во Србија

Бројот на жртвите од уривањето на дел од автопатот во Кина се искачи на 36

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он