Центарот за граѓански комуникации го објави Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јули-декември 2020 година, како и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на тендерите.
Од мониторингот на јавните набавки е констатирано дека поништувањата на тендерите стигнаа до 33 %, што е највисоко ниво во последните неколку години. Најмногу поради немање понуди или поради неприфатливи понуди.
Во пораст е отфрлањето на понудите на фирмите на тендерите поради проблеми со документацијата или со понудените предмети на набавка. Контролирани се само 1 % од тендерите во земјава и во секој петти контролиран тендер се пронајдни неправилности.
Според податоците од извештајот, конкуренцијата кај локалните тендери останува значително пониска отколку кај тендерите на институциите на национално ниво. Во жалбената постапка се намалува уделот на уважени жалби од фирмите, а расте уделот на одбиени жалби.
Во анкетата спроведена кај компаниите главен проблем кој го истакнуваат 77 проценти е ’најниската цена‘ како критериум за избор на најповолната понуда.
60 проценти од анкетираните сметаат дека фирмите се договараат на тендерите, 47 посто од фирмите сметаат дека има корупција при јавните набвки, 47 % од фирмите не се жалат на тендерите поради недоверба во Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Просечната оценка што фирмите ја дале за процесот на јавните набавки е 2,8 (на скалата од 1 до 5), што е исто како лани. Доминантни 60 % од фирмите велат дека корона-кризата влијаела негативно врз нивното учество на тендерите.
Мониторингот на јавните набавки се спроведува во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.