Јавна расправа за смртноста кај доенчињата и родилките

Од:

Стапката на перинаталната, доенечката и смртноста кај родилките, состојбите во практиката и статистичките податоци, беа тема на јавната расправа што денеска во македонското Собрание ја организираше Комисијата за здравство, на која беа изнесени различни мислења за состојбите и причините, како и за идните мерки кои треба да се преземат во оваа област. 
Доктор Александар Митов, претставник од Министерството за здравство и претседател на Комитетот за безбедно мајчинство, истакна дека во изминатите години се бележи тренд на опаѓање по сите индикатори, што, како што рече, го покажуваат сите податоци од Државниот завод за статистика и Заводот за заштита на мајка и дете. 
За сеопфатна анализа, рече, потребно е да се опфатат податоци во подолг временски период, а не краток. Чесно е, истакна тој, да се види како оди стапката на перинатална смртност во изминатите 15 години во Македонија низ официјалните статистички податоци.
– Стапката на доенечка смртност во овој период има тренд на опаѓање. Ако се прават само отсечни анализи и на пример се гледа само 2010 и 2011 година ќе се види дека се најниски стапки или ако се гледа само 2005 година таа е највисока. Но, во моето излагање нема политички моменти, туку зборуваме за научни факти, рече Митов.
Најголемите причини за доенечка смртност во Македонија, како и во остатокот од развиениот свет, смета Митов, е предвременото породување на кое отпаѓаат 73 проценти од смртноста. Вродените малформации се причина за смртност помеѓу 7 и 8 проценти и инфекциите и септикемиите околу 7 проценти.
Податоците кои тој ги презентираше покажуваат дека најниска стапка на смртност на доенчиња ако мајките родилки се на возраст од 20 до 29 година. – Во Македонија и светот се поместува линијата на раѓање. Просечната возраст на прворотките во Македонија е 29 години и придвижувањето кон се повозрасни прворотки неминовно треба да очекуваме да има некаков ефект. Втор момент за кој е логично да има импакт се предвремено родени деца, што е резултат во најголем дел на повозрасни мајки и мајки кои имаат вештачко оплодување, рече Митов. 
Аспазија Софијанова, директорка на Детска клиника, смета дека за подобрување на состојбите во оваа сфера е направено многу и оти постојано се работи преку едукации, обуки во светски познати болници, отворање прв ургентен центар…
Резултат на сите заложби, рече, сведочи и преживувањето на дете тешко 680 грама најмало новороденче преживеано во Македонија.
И таа се согласува дека најголем причинител за доенечка смртност е предвременото раѓање, најчесто резултат на променетите услови за живот и кажување на горната граница на раѓање на првото дете.
– Во последните години умираат деца кои сме должни да ги прифатиме на одделение и да ги пријавиме, да се обидеме да ги реанимираме, дури и деца до или под 500 грама, иако факторот за ризик да починат е голем. Ние како лекари мора да се обидеме, должни сме да направиме се, рече таа.
Претседателката на Комисијата за здравство Јагода Шахпатска, пак, смета дека стапката на смртност на доенчиња во Македонија е висока и околу 14 промили, рече, повисока и од земјите во опкружувањето.
Тоа, истакна, е резултат на лошо поставен здравствен систем, на висока стапка на сиромаштија, слаб пристап до здравството на одреден дел од населението… Токму затоа, рече, целта на јавната расправа, е да се најдат системски пропусти во здравствениот систем и да се исправат.
Гоце Чапаровски, доктор гинеколог акушер, смета дека во Македонија не се прикажуваат реално статистичките податоци и оти причините за смртност се во системски пропусти, но и немање континуитет во реформите, недостиг на гинеколози акушери, лоша комуникација на матичните гинеколози и повисоките здравствени системи, недоволна едукација на бремените жени, … Сето ова, потенцира тој, треба да се исправи ако се сака подобрување на состојбите.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза