Проблематиката со барателите на азил, како и мерките и активностите што се преземаат околу овој проблем, можностите за реинтеграција на ромската популација како најбројна во бројот на баратели на азил и активностите на планот на интегрирањето на Република Македонија во ЕУ, биле главни теми на денешната средба на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и нејзиниот германски колега Маркус Улбиг.
Во врска со проблемите со барателите на азил во Саксонија, Улбиг, соопшти МВР, нагласил дека до сега не е одобрено ниту едно барање на азил поднесено од македонските граѓани во оваа германска сојузна држава.
Министерката Јанкулоска на средбата детално го информирала Улбиг за низата мерки, активности и проекти кои во континуитет ги презема МВР во соработка и со други државни институции, особено на полето на спречувањето на злоупотребата на визната либерализација.
Потенцирајќи дека визната либерализација и ефектите од неа претставуваат врвен интерес за македонските граѓани и институции, како конкретни придобивки на патот на ЕУ интеграциите, Јанкулоска ги посочила измените во легислативната сфера, засилените гранични контроли и надзор, интензивираната контрола на туристичките агенции и превозничките фирми, како и непрекинатите кампањи особено меѓу граѓаните од ромска националност, и низата социо-економски мерки наменети за оваа ранлива група граѓани.
Меѓу другото, министерката Јанкулоска го изнела податокот дека од почетокот на преземањето на организирани меѓуинституционални мерки за сузбивање на злоупотребата на визната либерализација односно од 29.04.2011 година заклучно со 15. овој месец, на 8.322 македонски граѓани не им е дозволен излез по основ на злоупотреба на визната либерализација.
Во изминатиот период, се наведува во соопштението од МВР, спроведени се над 400 контроли во околу 120 туристрички агенции, четириесетина друштва за превоз на патници и 22 лица превозници, при што поднесени се петнаесетина кривични пријави, а дел од нив се и правосудно процесуирани. Поднесени се и 19 барања за прекршочна постапка, а истовремено изречени се разни мерки како парични казни, забрани за вршење дејност и слично.
Министерката Јанкулоска ги споменала и конкретните проекти и активности што државните институции ги преземаат или се во фаза на реализација во врска со превенирањето на злоупотребата на визната либерализација од социо-економски аспект кај ромската популација.
Министерката Јанкулоска на средбата истакнала дека соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија со Сојузното министерство за внатрешни работи на Германија, како и со сојузните покраински ресори за внатрешни работи на оваа држава, во континуитет бележат исклучително добро, традиционална високо ниво, во духот на извонредните билатерални односи на двете земји карактеристични за изминатиот период.