Максимално сме посветени да ги преземеме сите мерки кои се неопходни за намалување на бројот на т.н. лажни азиланти, односно наша крајна цел е да се елиминира ваквата појава која значи закана за безвизниот режим не само за Република Макеоднија, туку и за сите земји кои се соочени со овој проблем.
Ова го потенцираше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, додавајќи оти добро е познат и проблемот со кој се соочуваат земјите членки на ЕУ поради зголемен број т.н. лажни азиланти кои доаѓаат од овој регион.
– МВР и другите надлежни институции интензивно работат на неколку полиња. Мерките кои ги преземаме се и во делот на анализа и детектирање на проблемот, што всушност е потврда за причината за која сме овде, да ги дискутираме проблемите и можните решенија. Спроведуваме низа превентивни активности кои пред се се насочени кон ранливите групи, се со цел нивно запознавање со суштината и содржината на визната либерализација за да имаме колку е можно помалку случаи кога лицата се доведени во заблуда, изјави Јанкулоска по промоцијата денеска на публикацијата „МАРРИ Миграциска анализа 2012“ во издание на МАРРИ Регионалниот центар.
Паралелно со тоа, нагласи таа, МВР работи на спроведување репресивни мерки и во таа насока веќе се поднесени повеќе кривични пријави како за лица организатори на таквите нелегални патувања за азил, а се преземаат и интензивни контроли на туристичките агенции, превозниците на патници и на сите оние кои би можеле да бидат, условно речено, субјекти кои придонесуваат за оваа појава. Зајакната е и казнената политика во делот на злоупотребата на безвизниот режим.
– Врз основа на сите анализи и искуства кои ги стекнавме во изминатите три години од спроведувањето на визната либерализација, успеавме да го детектираме можниот профил на лажниот барател на азил и врз основа на Шенгенските процедури и законодавството, како и доследна примена на Законот за надзор на државата граница, го употребуваме правото за оневозможување на излез на лица кои не се во состојба да ја докажат целта на патувањето, односно за кои има основани сомневања дека имаат за цел да направат злоупотреба на визната либерализација, образложи Јанкулоска, додавајќи оти веќе се видливи и конкретните резултати од мерките што се преземаат.
Според неа, сепак, ова е комплексно и сериозно прашање за чие решавање мора да се продолжи со сите мерки и активности, како и со регионалната соработка и комуникација кои се иста или слична ситуација со Република Македонија и во смисла на заедничко дејствување, но и за размена на најдобри практики и искуства.