Јаневска очекува годинава да нема препишување при полагањето на матурата

Од:

Оваа година очекувам се да помине во ред и мир, со многу помалку несакани дејствија односно препишување, што се случуваа во минатото. На учениците им пожелувам среќа успех и успешна кариера, или на факултетите, или на пазарот на трудот, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска на почетокот на полагањето на првиот екстерен испит од државната матура – мајчин јазик и литература.

Во 10 часот почна полагањето на првиот дел од државната матура во средните училишта односно во амфитеатрите на факултетите за оние училишта кои немаат просторни услови, Полагаат околу 15 000 матуранти, а процесот го надгледуваат околу 2000 тестатори.

Јаневска го посети Земјоделскиот факултет при УКИМ каде што полагаат матурантите од училиштата „Марија Кири Склодовска” и „Димитар Влахов” , како што рече, на увид како се одвиваат процесите.

-Се е во ред, им благодарам на Земјоделскиот факултет и на сите други факултети и другите универзитети што излегоа во пресрет на образовните систем. На учениците им пожелувам успешно полагање и добар успех. На тестаторите и набљудувачите им порачувам да си ја извршуваат својата работа одговорно и нагласувам дека законската регулатива е зајакната и не очекувам никој да влезе во ризик за да поднесе некакви санкции, рече Јаневска откако ги посети матурантите што денеска полагаат на Земјоделскиот факултет.

На учениците им порача дека ова е составен дел од нивното образование и оти „нема потреба од какви било стресови”.

-Материјалот го поминале и само требало да го повторат. Од нив очекувам да не користат никакви иновативни методи за да дојдат до точните одговори затоа што тие влегуваат во ризик да изгубат цела година. На учениците им пожелувам среќа успех и успешна кариера, или на факултетите, или на пазарот на трудот , изјави Јаневска.

Појасни дека санкциите се однесуваат на тестатори кои ќе „прогледаат низ прсти и не видат ливче, телефон или учебник“, и во тој случај, рече, Државниот испитен центар ќе мора да преземе мерки. Тие ќе бидат веднаш отстранети од процесот и ќе бидат заменети со други, а потоа следуваат и санкции. За санкционирање на ученикот, рече, најстрашно ќе биде што ќе биде отстранет од испитот.

-Тој што препишува не очекувам ни да знае, најверојатно ќе изгуби цела година до следното полагање на матурата, што значи изгубил година од животот или да влезе на пазарот на трудот или да влезе на факултет, додаде министерката.

И директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска-Михајловска им посака успех на сите матуранти, со очекување дека годинава резултатите од матурата ќе бидат пообјективни од ланските. Тие треба да бидат објавени најдоцна еден месец од полагањето на вториот екстерен испит односно околу 10 јули.

-Им посакувам успешен ден на тие што денеска го полагаат првиот испит од државната матура – по мајчините јазици. ДИЦ ги направи сите потребни подготовки. Во текот на целата година се работеше напорно за денес да тргнеме подготвени за реализација на првиот испит од државна матура. Испитниот материјал е во училштата и треба да е поделен. Посакувам успешен ден на сите матуранти, сите наставници кои се во улога на тестатори максимално одговорно да си ја сфатат својата задача денес бидејќи нивната улога е клучна во оваа наша работа, изјави Јовчевска-Михајловска.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за годинашната матура се пријавени 15.004 кандидати. Од нив, 8.816 ученици се од средните стручни училишта, 5.966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.

За денешниот прв екстерен испит – мајчин јазик и литература, кој е задолжителен за сите матуранти, пријавени се 9969 ученици за македонски јазик, 4339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.

Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни.

Државната матура во нашиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Единствен пат не беше организирана на крајот од учебната 2019/2020 година поради Ковид-пандемијата.

Со донесените измени на Законот за средно образование, од наредната учебна година ќе се примени нов концепт на државна матура кој предвидува полагање на посебна државна матура за стручно, за гимназиско и за уметничко образование.

Би можело да ве интересира

Јаневска: Нашите студенти кои студираат во странство, генерално, не се враќаат во државата

Од следната учебна година ќе може да се воведе францускиот јазик како изборен предмет во 25 училишта

Јаневска: МОН направи анализи и не очекуваме наставниците да останат без часови

Јаневска за назначувањето на Богојевски: Поставените директори треба да бидат натпартиски

Јаневска: До последен да се вклучиме да им помогнеме на младите да се справат со проблемот по трагедијата во Кочани

Министерката Јаневска се самопоканила на студентскиот собир