Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески побара од судот за случајот ТНТ да донесе одбвателна пресуда.
Тој рече: „Ве замолувам да ги цените доказите и завршните зборови, да донесете ослободителна и одбивателна пресуда“. Според него, објектот немало да се отстранува, ако бил легален.
На судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани им посочи: „Ако добијам шеста осудителна пресуда, нема да се смени ништо, освен што Фијат Цановски ќе заработи фантастична сума пари од буџетот“.
Според него, треба да се заштити буџетот на државата, да се ценат само докази, а не, како што рече, субјективно толкување на прислушкуваните разговори.
Јанакиески како уште една причина за негово ослободување од вина го посочи и помилувањето кое го даде експретседателот на државата Ѓорѓе Иванов. Според него, мислењето на професорот Никола Тупанчески, сега министер за правда, во кое се посочува дека предметот е застарен, е уште една причина зошто веднаш треба да се донесе одбивателна пресуда.
„Во однос на аудиозаписите и транскриптите, сакам да истакнам дека најважно е да се знае дека не постои разговор или СМС каде вршам поттикнувачки дејствија кон Тони Трајковски или инспекторката. Не постои ниту комуникација, каде се бара или јас барам, незаконски да се сруши објектот ‘Космос’. Ова се основните битија на обвинителниот акт. Надвор од разумно сомневање требаше да се докаже дека ‘Космос’ не е дивоградба. Ама тоа е невозможно, бидејќи сите судски истанци во нашата држава посочуваат дека ‘Космос’ е дивоградба“, кажа Јанакиески.
Тој рече дека Фијат Цановски и сам кажал дека барал политичко решение, со што признал дека неговиот објект бил нелегален: „Тој ја замајува јавноста дека тужи во Стразбур, а таму тужи поради процесна повреда, а не поради начинот на уривање“.
„Што според мене е најважно: ‘Космос’ е граден спротивно на одобрение за градење, тоа е докажано. Надлежните институции и лица се должни по закон да постапуваат во вакви случаи, во спротивно сносат кривична одговорност за непостапување и овозможување корист на трето лице. Инспекторката морала да постапи по налог на Државниот инспекторат. ‘Космос’ не е единствениот објект кој се рушел, како тогаш така и сега. Не само Груевски, туку и директорот на БЈБ, министерот за внатрешни работи биле заинтересирани за објектот ‘Космос’. Не сум имал зошто да го уривам ‘Космос’, и Цановски кажа дека сме биле пријатели во тој период. Прашањето кое е најважно: дали ‘Космос’ ќе се уриваше ако не отстапуваше од одобрението за градење? Не. Ако со градењето не бил прекршен законот, дали ќе се рушело? Не. Според ова, се суди зошто државата рушела објект кој бил за рушење, спротивен на закон“, додаде Јанакиески.
Тој не спори дека Груевски се информирал за „Космос“. Но давањето информации, за него, не е поттикнување за уривање на објектот. Тој посочува дека тоа што се зборува и мисли не се реализира и треба да се гледаат фактите, додавајќи: „Во разговорите врз основа на кои Обвинителството, со субјективно толкување за тоа што сум сакал јас кажам, поднесе обвинение, се зборува и за менување ГУП, ДУП, градење фонтани итн. Каде се тие фонтани, каде е сменетиот ГУП? Ако се повикуваме на истите тие разговори, овде требаше да има отфрлен обвинителен акт“.
„Дали ако ми пренесувал информации и ме прашувал што знам јас и за факти околу објектот Космос тоа значи дека се руши објект од политички побуди? Не. Дали ако на претседател на Влада на негово прашање му прераскажам што стручни лица напишале и утврдиле како фактичка состојба на објектот значи дека јас сум поттикнал некого да стори противправно дејствие? Не, и не смее да се толкува секој разговор субјективно и дека тој или тие разговори се противправни или дека од нив може да се толкува дека дејствие на некое лице, во конкретниот случај јас, постапило противправно. Но и најважното, дали за секое уривање објекти, а ги имала илјадници, кои минале низ иста процедура како и Космос, имаат сега право да кажат инвеститорите:’Да, отстапуваме од законските ограничувања, ама нè рушат поради политички причини?’. Како можеме да цениме побуди, субјективно, од некои си разговори, ако имаме предвид дека е прекршен закон? И сега, спојувањето е министер или градоначалник или овластен градежен инженер кој треба да спроведува закон“, додаде Јанакиески.
Според него, „Космос“ е отстранет како и сите други објекти кои биле нелегални.
„Овој предмет е различен од сите предмети на СЈО. Карактеристично е тоа што ова е единствен предмет каде не се штитат интересите на Република Македонија туку се штити приватен интерес, човек кој незаконски градел и сите проблеми сакал да ги реши преку политика. Нели мислите дека е доста решавање на незаконско работење преку политика? Јас мислам дека е доста“, посочи Јанакиески.