Гојко Јаковлевски, македонски емигрант и основач на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Фокус од 29-ти ноември 2013-та година, говори за формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, за основачите, за Груевски, за Љубе Бошкоски. Потсетување за што говореше Јаковлевски.
„Груевски не го знаев на почетокот толку добро, се имавме видено два-трипати, тој беше и во Зубовце во 2005 година, кога имав роденден. Јас кон него гледав позитивно, го сметав како надежен економист и мислев дека е добар потег таква личност Македонија да ја зацврсти економски. За жал, моите општи позитивни очекувања не се остварија бидејќи со разните потези што ги прави оваа власт се создава еднопартиска држава, како што своевремено направи комунистичката партија со Југославија. Сите медиуми ги зедоа под свои ингеренции. Затоа, јас би му предложил на Груевски дека вториот дел од името на партијата ДПМНЕ не одговара, пред сѐ, тоа „демократска“ и „национално единство.
Јас немам против тие да останат на власт уште дополнителни 7 години ако народот ги сака и ги избира, бидејќи, нели, се вели „каков народ, таква влада“, но да ја променат партијата. Нека ја остават настрана партијата што сме ја основале јас и Богдановски и нека изберат некоја друга партија. Многу ме нервира што ги прават овие погрешни потези бидејќи водат кон пропаст. Да речеме, оваа антиквизација е кич за кој се фрлаат големи пари, кои Македонија ги нема.
Јас се гордеам што сум роден во земјата каде што е роден Александар Македонски, ама толку! Ако некој сака да докажува дека во генот имаме некое античко наследство, тоа е смешно и контрапродуктивно. Не може да се прави од античката историја дневна политика“, вели Јаковлевски.
Тој јавно побара слобода за Љубе Бошкоски, претседателот Иванов да го амнестира.
Во историјата на Македонија ова ќе биде голем срам − чист Македонец, кој нема направено никаков криминал, да лежи во затвор. Кај Бошкоски јас не забележувам одмаздољубивост и желба да прави капитал од својата положба. Тој е трпелив човек и се надева дека случајот ќе биде решен во негова полза. Тој е оптимист, сакам и јас да бидам, но како што гледам… Можеби Љубе направил некои грешки, но треба да се гледа малку пошироко и да запре конечно самоуништувачкиот синдром“, вели Јаковлевски во интервју за Фокус во 2013-та година.