Јакимовски: ЗЕЛС е обичен партиски комитет на ВМРО-ДПМНЕ

Од:

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска повтори дека ќе го напушти ЗЕЛС доколку претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски немо ја следи целата ситуација и не преземе чекори за вразумување на министрите бидејќи се врши, како што рече, континуиран притисок врз Општината. Со Ѓорѓиевски, како што рече, ќе разговара од понеделник.

Во изјава за медиумите дадена пред седиштето на Општина Карпош, Јакимовски рече дека неговата намера за напуштање на ЗЕЛС не била сфатена сериозно.

– ЗЕЛС е обичен партиски комитет на ВМРО-ДПМНЕ и нема никаква врска со идеите и развојот на локалната самоуправа. Ова покажува дека Орце Ѓорѓиевски е обична фигура на чело на ЗЕЛС, а дека целата политика ја креира неговата партија и составот на Извршниот и Надзорниот одбор на ЗЕЛС и креирана од Христијан Мицкоски. Тоа се причини повеќе да укажеме дека или ќе го корегираат нивниот однос или ќе го напуштиме ЗЕЛС, рече Јакимовски.

Испрати порака до министрите дека мора да си ја вршат работата согласно закон без разлика дали им се допаѓа Општина Карпош или не.

Јакимовски и вчера најави дека ќе ја напушти ЗЕЛС посочувајќи дека дел од министрите во Владата треба да го корегираат својот однос кон нив како градоначалници.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски по најавите за излегување на Струмица и Карпош од ЗЕЛС вчера изјави дека се надева оти ќе надвладее разумот и градоначалниците на Струмица и Карпош ќе ја преиспитаат одлуката. Како што вчера изјави Ѓорѓиевски, одлука за напуштање на ЗЕЛС носи Советот на општината.

– Вратата од ЗЕЛС е отворена за сите, секој проблем се решава, доколку има интерес и доколку не се крие нешто друго во позадина на овој процес. Стојам на располагање како и досега за сите мои колеги, верувам дека разумно ќе постапат и верувам дека можеби ова е моментален начин на кој можеби сакаат и медиумски да добијат поголема достапност за одредени теми и поголема драма да направат, но длабоко сум уверен дека ќе размислат во интерес на граѓаните, рече Ѓорѓиевски.

Ваквиот потег на двајцата градоначалници вчера во изјава за МИА го коментираше и министерот за локална самоуправа Златко Перински.

– ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа која што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата. Добро е и во иднина да остане така. Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините, зад што оваа Влада застана многу отворено и јасно и преку конкретни решенија тоа веќе го потврдуваме, изјави Перински.

Од Општина Струмица вчера официјално соопштија дека се откажуваат од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов дека ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, како што информираа, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит, соопштија од локалната самоуправа откако претходно ваквата одлука ја најави градоначалникот Костадин Костадинов.

Денеска се огласи и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски кој рече дека законска обврска на локалната самоуправа е да обезбеди питка вода за пиење за граѓаните. Нашата интенција, вели Трипуновски, беше да помогнеме затоа што видовме дека локалната самоуправа не успеа да го изменаџира процесот. Трипуновски рече дека во целата ситуација нема никаква политика од страна на Владата и дека единствената интенција на Министерството била да и се помогне на општината за надминување на проблемот со водата за пиење.

– Согласно законите, обврска на локалната самоуправа е водата што ја добива во филтер станицата да ја доведе во фаза на питкост за да ја дистрибуира до граѓаните и тука не сакам да вметнувам политика. Нашата интенција беше да се ставиме на располагање бидејќи гледавме дека локалната самоуправа слабо го менаџираше тој процес и тоа беше практично целата наша активност. Тоа што градоначалникот на Струмица и сите претходни градоначалници не инвестирале доволно во филтер станицата говори за нивното работење во минатото. Не е одговорноста на Владата, одговорноста е на локалната самоуправа, рече Трипуновски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната дебата во Владата посветена на земјоделството, локалната самоуправа и животната средина.

Би можело да ве интересира

Дали со донацијата од Белград се подготвува лице блиско до ВМРО-ДПМНЕ и до руските структури да го приватизира ЈСП прашува Град Скопје

Ѓорѓиевски: Потегот на Белград за да ни отстапи автобуси е добар

Ѓорѓиевски се надева дека градоначалниците на Струмица и на Карпош ќе се вразумат

Јакимовски најави дека ќе го напушти ЗЕЛС „ако продолжи теророт од власта“

Катерина Ѓуровски

Перински: Потегот на Струмица и Карпош не е решение, најмногу губат граѓаните

Катерина Ѓуровски

Општина Струмица официјално соопшти дека се откажува од членството во ЗЕЛС, Костадинов ќе поднесе оставка на функцијата во Управниот одбор

Катерина Ѓуровски