Досегашниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски изјави дека жали што општина Карпош е во центарот на вниманието и кажа неговите колеги имале дојава дека примопредавањето на должноста треба да биде денеска во 13 часот, па затоа започнале неселективно да ги пакуваат работите од неговиот кабинет.
– Пакувањето тврдам било апсолутно неселективно затоа што јас таму имам мои лични предмети, благодарници на лично име. Нормално е дека треба да се одвои она што е на Општината од она што е на мое лично име, како што се документи, фотографии, кои претставуваат лични предмети, лични подароци, затоа што овде сум бил осум и пол години. Ние денес можевме на само место да ја видиме ефикасноста на македонската полиција под водство на режимот на Зоран Заев и можевме да се увериме како во изминативе два дена не можат да ги најдат и сеуште не направиле информативен разговор со оние кои што сакаа да не нападнат со нож вечерта на денот на изборите, затоа пак, денеска ефикасно дојдоа вклучувајќи Алфи и забранија влез во Општината, рече Стевчо Јакимовски.
Тој додаде дека инспекторите од стопански криминал констатирале дека се раздвојувале личните од општинските работи и си заминале.
– Ова е уште еден голем блам за Социјалдемократскиот сојуз и за нивното непознавање за функционирањето на локалната самоуправа. Сите документи, сето она што е важно за локалната самоуправа се наоѓа во архивата, а згора на тоа Општина Карпош има електронска архива и ништо такво не може да се наоѓа кај градоначалникот на Општина Карпош или кај било кој друг градоначалник, во било која друга општина. Во исто време сакам да им кажам дека непотребните работи што ни се, ќе бидат фрлени во тие контејнери тука, така што можат слободно да пребаруваат, да бараат тоа што за нив ќе биде интересно, рече Јакимовски.