„На 23 јуни во 12:00 часот беше закажана 219. седница на Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со претходно утврден дневен ред. После одржувањето на седницата на Управата беше предвидено да се одржи свечено доделување на наградите за најдобар научник/уметник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во 2016 година. Церемонијата беше предвидена да започне во 13:00 часот.
Согласно Правилникот за избор на научници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје кои покажуваат врвни резултати во научноистражувачката дејност (Универзитетски весник бр.298 од 2.9.2014 год.) и Конкурсот за избор на најдобар научник/уметник на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ за 2016 година, Одборот за избор на најдобар научник донесе Одлука со која се утврдуваат најдобрите научници/уметници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кои во календарската 2016 година покажаа врвни резултати во својата дејност:
· за природно-математички науки – проф. д-р Мимоза Ристова, Природно-математички факултет;
· за техничко-технолошки науки – проф. д-р Игор Јорданов, Технолошко-металуршки факултет
· за медицински науки – проф. д-р Љубица Георгиевска – Исмаил, Медицински факултет;
· за општествени науки – проф. д-р Анита Циунова – Шулеска, Економски факултет;
· за уметности – Живојин Глишиќ, Факултет за музичка уметност.
Одборот за избор на најдобар научник/уметник чиј претседател сум јас го одржа состанокот вчера, 22 јуни. Седницата на Одборот беше закажана во 10,30 часот. Веднаш по одржувањето на седницата ја потпишав горенаведената одлука и нешто подоцна испратив и известување и покана и до средствата за јавно информирање за свеченото доделување на наградите.
За жал, траењето на седницата на Ректорската управа поради бројните дискусии се одолжи дваесетина минути што предизвикало нетрпение и револт кај дел од наградените научници. Ја користам оваа прилика јавно да им се извинам на нашите почитувани колеги наградените научници/уметници и на членовите на нивните семејства за неодржувањето на церемонијата поради заминувањето на дел од наградените и да ги известам дека церемонијата ќе се одржи во друг термин“ се вели во соопштението на ректорот Јанкуловски