Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски продолжува со средби со европратениците во Брисел, ден пред гласањето за извештајот на Европскиот Парламент за Македонија.
Освен амандманите за екстрадицијата на експремиерот Никола Груевски, во последен момент поднесен беше и амандман за поддршка за финализирање на Преспанскиот договор од страна на известувачот Иво Вајгл.
Амандманот ги повикува сите политички партии да продолжат да соработуваат „во духот на споделената одговорност“ во следните чекори на процедурата за уставните измени. Во амандманот исто така се повикуваат Владата и Собранието да продолжат со реформите за приближување кон ЕУ и се охрабрува СЈО да продолжи со независни истраги за сите останати предмети.
Овој амандман, поднесен по првото гласање за уставните измени во Собранието, се очекува да добие широка поддршка од европарламентарците на гласањето утре.
Заменик министерот за надворешни работи, Жерновски, ги уверил своите соговорници денеска дека Владата е посветена на имплементацијата на Преспанскиот договор, кој ужива голема поддршка од Европарламентот.
– Преспанскиот договор ја има едногласната поддршка од страна на сите политички групи во Европскиот Парламент и европската иднина за нашата земја е повеќе од извесна, изјавил грчкиот европратеник од Сириза, Димитриос Пападимулис за време на средбата со Жерновски. Пападимулис додал дека Грција ќе биде најголемиот пријател и поддржувач на евроинтегративниот пат на Скопје.
Заменик министерот за надворешни го информирал својот соговорник „за големиот исчекор на пратениците во Собранието“ и изразил уверување дека имплементацијата на договорот е единствениот пат преку кој нашата држава ќе ги оствари своите стратешки цели, односно да стане членка на НАТО и ЕУ.
Слични пораки на Жерновски му биле пренесени и од европратеникот од Германија, Елмар Брок.
– Жерновски му се заблагодари на Елмар Брок за неговата поддршка за решавањето на спорот за името, вклучително преку средби со членови на македонската сестринска партија на ЕПП кои го поддржаа Договорот, велат за МИА од кабинетот на Брок.
Брок за МИА изјави дека го распрашувал Жерновски за процесот на финализирање на уставните измени потребни за конечно одобрување на Преспанскиот договор, на што добил одговор дека се очекува процесот да заврши до крајот на јануари.
Жерновски имаше средба и со унгарскиот европратеник Питер Нидермилер од социјадемократската група.
– Унгарскиот европратеник му пренесе на Жерновски дека прашањето за доделувањето на азил за Никола Груевски од страна на Унгарија е европско прашање кое ќе биде отворено во Европскиот парламент, каде постои начелно расположение меѓу политичките групи, велат од кабинетот на заменик министерот.
Слична порака за МИА вчера пренесе и европратеникот од социјалдемократите, Кнут Флекенштајн кој изјави дека во јануари најверојатно ќе се отвори темата за азилот на Груевски во Унгарија, и дека тоа може да биде во облик на резолуција на ЕП.
Европратениците ќе дебатираат за Македонија доцна вечерва, а гласањето е предвидено утре претпладне.