Извештајот до УНЕСКО за Охридскиот регион е неточен и не одговара на реалната состојба реагираат екологистите

Од:

Претставници на 17 еколошки невладини организации и граѓански иницијативи од Охрид, Струга и Поградец денеска на прес-конференција истакнаа дека поднесениот Извештај на Министерството за култура до УНЕСКО околу заштитата на културното и природното наследство на Охридскиот регион, не соодветствува со реалната состојба на терен.

Според Никола Киселинов од туристичката асоцијација „Билјана“ од Охрид, овој Извештај во многу аспекти не е точен и не кореспондира со реалната состојба.

– На пример, неконтролираната урбанизација во Националниот парк „Галичица“ во извештајот е посочен на половина страница, а се работи за голем проблем. Урбанизацијата како многу битен фактор е занемарена и не и е обрнато доволно внимание… Има точни работи спомнати во Извештајот, но и многу пропусти и погрешни работи, се со цел да е одвлече вниманието на јавноста од проблемите, истакна Киселинов.

Тој укажа дека е крајно време да се решаваат проблемите и состојбата да се презентира онаква каква што е, а не проблемите да се ставаат под тепих.

Аријан Мароли од Мрежата на невладините организации од Албанија и Северна Македонија посочи дека албанската и македонската влада до УНЕСКО испратиле извештаи за состојбата, а засегнатите субјекти се уште не добиле никакви информации за содржината на предвидениот План за ревитализација на Охридското Езеро и Охридскиот регион, што е предвидено со него и дали воопшто тој и постои.

– Албанската страна има иницијатива за решавање на два од проблемите – оној со отпадот и почнува процесот за отстранување на јаловината. Кај македонската страна, најголем напредок има во проектот за пренасочување на Сатеска во старото речно корито. Меѓутоа, за другите проблеми, досега не е сторено ништо. Проблем е што ние немаме пристап до Планот за ревитализација, за кој се посочува дека е изготвен, а ниту Националниот парк „Галичица“, Хидробиолошкиот институт, „Проаква“, општините Охрид, Струга и Дебрца…, никој од нив нема информација што содржи тој план, рече Ароли.

Сашо Кироски, дипломиран археолог од Асоцијацијата за заштита на природното и националното богатство, истакна дека е невозможно на 60 страници да се презентираат сите проблеми со кои се соочуваат Охрид, Струга и регионот, заедно со албанската страна.

– Навистина е срамно да доаѓаме во ситуација експерти од УНЕСКО да ни посочуваат што треба да правиме на најстарото езеро во Европа… Културното наследство е во сериозни проблеми, од двете страни на Езерото. Последните 15 години од Завод и музеј од Охрид не е спроведен ниту еден проект, ниту едно научно археолошко истражување, а сето што е спомнато во Проект-планот на УНЕСКО треба да се спроведе до 2029 година, истакна Кироски.

Блерим Положани од невладината организација „Капс“ од Струга која е активна во заштитата на Охридското Езеро, посочи на отсуството на комуникација на властите со невладиниот сектор, што, исто така, е препорака и од УНЕСКО.

– Ние како невладина изработивме стратегија за комуникација, но засега интересот на Владата и надлежните институции не е на потребното ниво. Институциите мора да почнат да ги решаваат проблемите. Ние сме тука за да помогнеме, рече тој, посочувајќи дека поради хаотичната состојба со неконтролираната урбанизација и пред се човечкиот фактор, страда Охридското Езеро, а сето тоа неповолно се одразува и врз туризмот.

Интенција на невладините организации е да испратат заедничко писмо до владите на двете држави за се што треба да се направи доколку навистина се има намера да биде заштитено Охридското Езеро.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Зголемен ризик за загадување, прекумерен риболов и урбанизација на Охридскиот регион и езерото

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена