Извештај на ЕК за напредокот на Македонија: Земјата задржа постојан и одлучен тек во реформите

Од:

Европската комисија денеска го усвои Пакетот за проширување 2021 заедно со извештаите за напредокот на шесте земји од Западен Балкан, вклучително и за Северна Македонија. Во Извештајот, што беше презентиран попладнево во Европскиот парламент во Стразбур, Европската комисија ја критикува блокадата за старт на преговори, и е задоволна што Северна Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување на ЕУ и што властите покажуваат јасна проевропска ориентација.

-Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство и властите ја демонстрираа јавно својата цврста заложба да продолжат по ЕУ патот. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати и натаму, стои во извештајот за реформскиот напредок за Северна Македонија.

Во извештајот се наведува дека ЕУ реформите се процес на долг рок, што бара постојан ангажман од Владата и од опозицијата, како и од сите општествени чинители.

Северна Македонија е поздравена во делот на усогласувањето на својата надворешна политика со таа на Унијата со стапка од 96 отсто, што претставува зголемување од два процентни поени во споредба со 2020 година.

-Во март 2020 членовите на Европскиот Совет едногласно ја одобрија одлуката да се отворат преговорите за членство со Северна Македонија. Одлагањата во официјалниот старт на преговорите за членство има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ, предупредува Европската комисија.

Комисијата исто така нагласува дека билатералните прашања помеѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени.

Следува сумиран извадок од Извештајот на ЕК за реформскиот напредок на Северна Македонија:

Политички критериуми

Во врска со политичките критериуми, Северна Македонија ги продолжува напорите за зајакнување на демократијата и владеење на правото, вклучително и со активирање на постојните механизми на проверка и контрола и преку опфаќање на клучните политички и законодавни прашања.

Државата покажа подготвеност да испорача во клучни области на фундаменталните права, вклучително преку Агендата „Европа дома“ и „Акцискиот план 21“ за борба против корупцијата. Првиот круг локални избори се одржа на 17 октомври. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР распореди набљудувачи низ државата. Ограничен напредок е постигнат во исполнување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија за период во којшто е опфатен Извештајот. Сеопфатен преглед на изборниот закон и усвојување на релевантни закони се уште треба да се финализираат во одредена временска рамка и на инклузивен начин.

Опозициските партии останаа активно вклучени во Парламентот и во одредени прилики ги поддржаа законите поврзани со ЕУ. Работата на Собранието сепак беше попречена од политичката поларизација, надополнета со пандемијата на Ковид-19, што повремено влијаеше на неговите вообичаени функции. Потребни се напори за зајакнување на улогата на Парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, особено на реформската агенда на ЕУ. Парламентот продолжи да ги извршува своите законодавни функции. Треба да се посвети големо внимание во користењето на процедури за брза постапка, кои треба да бидат ограничени за да се обезбеди ефективна контрола и консултација на законодавството.

Парламентот продолжил да врши соодветен надзор врз извршната власт. Предлозите за внатрешна реформа на Парламентот, договорени за време на третиот круг од „Дијалогот Жан Моне“ во почетокот на 2020 година, допрва треба да се воведат. Кривичната одговорност за оние што организираа или извршија насилство во нападот врз Собранието на 27 април 2017 година продолжи да се утврдува, вклучително и преку првостепените пресуди. Владата треба да го задржи реформскиот импулс и да се фокусира на имплементација на постојната правна рамка. Навременото и суштинско спроведување на реформската агенда бара постојана поддршка од општеството во целина. Меѓуетничките односи останаа стабилни и Охридскиот рамковен договор продолжи да се спроведува.

Граѓанските организации и понатаму се активни и имаат важна улога во реформскиот процес. Потребни се дополнителни напори за да се обезбеди понавремен, значаен и транспарентен процес на консултации со граѓанското општество. Во контекст на предизвиците со кои се соочуваат при закрепнување од кризата на Ковид-19, од владините и невладините актери се очекува да изградат долгорочни партнерства и да ја зајакнат постоечката соработка.

Реформата на разузнавачкиот сектор, што резултираше со воспоставување нови структури и развој на правна рамка, е речиси завршена. Се препорачува државата да го зајакне капацитетот за парламентарен надзор над разузнавачките служби.

Јавна администрација и реформи

Северна Македонија е умерено подготвена во реформата на својата јавна администрација. Одреден напредок е постигнат во финализирањето на хоризонталната функционална ревизија на државната администрација. Важно е ревизијата да биде усвоена од Владата.

Северна Македонија во моментов ја разгледува законодавната рамка за управување со човечки ресурси преку ревизија на Законот за административни службеници и Законот за јавна администрација и воведува нов Закон за висока раководна служба. Новата законска рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и ќе придонесе за да се обезбеди почитување на вработувања, унапредувања и отпуштања врз основа на системот на заслуги, вклучително и на високиот менаџмент.

-Беше презентиран мониторингот на извештаите за имплементација на Стратегијата за реформа на јавната администрација и Реформската програма за управување со јавните финансии. Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) продолжи да се занимава со случаи на наводен непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на регрутирање вработени во јавниот сектор и во процесот на именување членови на надзорни и управни одбори. Нејзините наоди и препораки треба систематски да се следат од засегнатите институции, се наведува во извештајот.

Повеќето од минатогодишните препораки се делумно имплементирани. Во претстојниот период, земјата треба да го направи следново:

– Да го усвои и примени ревидираниот Закон за административни службеници, Законот за јавна администрација и Законот за висока раководна служба;

– Да го усвои и имплементира Законот за организација и работа на органите на државната управа и останатите поврзани закони согласно препораките за нова организација на државните органи;

– Да се обезбеди целосна имплементација на Законот за општа управна постапка.

Јавниот надзор на владината работа се обезбедува преку објавување на владини извештаи за мониторинг и подобрена комуникација.

Во извештајот натаму се наведува дека професионалниот развој на јавната администрација останува несистематски. Повеќето институции нудат специјализирани обуки за нивните вработени, но нема база на податоци на сите обуки што ги нудат различни институции.

Владеење на правото и основни права

Земјата е умерено подготвена да го примени законодавството на ЕУ и европските стандарди во оваа област. Во целина, постигнат е одреден напредок, вклучително преку зајакнување на независноста на судството и со решавање на случаи на неказнивост на полицијата. Примената на стратегијата во правосудството продолжува, вклучително и Законот за јавното обвинителство, со кој се утврдува одговорност за криминалните дејствија кои произлегуваат од и во врска со незаконски прислушуваните разговори.

Државната комисија за спречување на корупцијата, користејќи ги своите зајакнати овластувања, продолжува да дава резултати, вкклучително и за високопрофилирани случаи. Корупцијата е распространета во многу области и останува прашање на загриженост. Северна Македонија продолжува да ги исполнува генералните обврски за фундаменталните права, но има предизвици во имплементирање на постоечката легислатива.

Канцеларијата на Народниот правобранител треба да го зголеми својот буџет, со што ќе се ангажира специјализиран персонал, со цел подобро да ја оствари својата улога. Функционалната независност на овие тела мора да биде постојано гарантирана, вклучително преку соодветни финансиски извори.

Судство
Судскиот систем во Северна Македонија е умерено подготвен. Одреден напредок е постигнат во однос на имплементацијата на реформата на судството, со што дополнително да се разгледаат препораките од Венецијанската комисија и групата на високи експерти за системски прашања за владеење на правото.

Потребни се напори да се обезбеди систематска имплементација на ажурираниот акциски план за стратегијата за реформа во судството и стратегијата за човечки ресурси за судството и обвинителството. Судските институции продолжуваат да ги применуваат новите правила за именување, унапредување, дисциплински постапки и разрешување судии и обвинители. Поголемиот дел од законодавството за спроведување на ревидираниот Закон за Советот на јавни обвинители е усвоен.

Важно е да се продолжи со имплементација на правната рамка и стратешките планови поврзани со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Новиот предлог закон за Академијата за судии и обвинители треба да ја одржува Академијата како единствена точка за влез во судството и обвинителството и треба да обезбеди фер и транспарентен пристап до овие професии.

Борба против корупцијата
Северна Македонија е умерено подготвена во превенцијата и борбата против корупцијата. Одреден напредок е постигнат во превенција и борба против корупцијата.

Напредок е постигнат бидејќи земјата продолжи да ги зајакнува своите достигнувања со истрага, гонење и судењена неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво, и ја зајакна својата институционална рамка, особено Државната комисија за спречување корупција и Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Во април 2021 година, Парламентот ја усвои Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси 2021-2025 година и поврзаниот акционен план, консолидирајќи ја заложбата на земјата да спречи корупција и да ги санкционира коруптивното однесување.

Земјата има одредено ниво на подготовка во борбата против организираниот криминал. Законската рамка е во голема мера во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат. Постигнат е одреден напредок на оперативно ниво, но треба да се направи повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. Координацијата останува клучна за сите засегнати страни вклучени во борбата против организираниот криминал.

Фундаментални права
Законодавната рамка за заштита на основните права е во голем дел во согласност со европските стандарди. Закон за спречување и заштита од дискриминација и Комисијата за превенција и заштита од дискриминација се влезени во сила. Процесот на деинституционализација постигна реален напредок и повеќето од децата сега се сместени и за нив грижата е во мали заедници. Министерството за труд и социјална политика инвестира во одредени служби, како што е поддршка на жртви на родово-базирано насилство. Важен напредок е постигнат со усвојување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство, со поддршка од сите политички партии.

Препораките на европските и меѓународните тела за заштита на човековите права, особено во врска со третманот на притвореници и осудени лица, мора да бидат целосно имплементирани, без одложување.

Слобода на изразување
Напредокот во делот на слободата на изразување е ограничен.

Општиот контекст за медиумски слободи е поволен и дозволува критичко медиумско известување иако имаше зголемени тензии за време на кризата со Ковид-19. Напорите за саморегулација треба да продолжат и да донесат конкретни резултати за напредок на професионалните стандарди во новинарството.

Се бара поголема транспарентност во рекламирањето од страна на државни институции и политички партии и реформа на МРТВ за да се обезбеди финансиска независност за јавниот сервис. Напредокот во МРТВ е попречен поради назначување на членови во релевантните тела.

Кризата со Ковид-19 имаше силни последици врз медиумскиот сектор, посебно за регионалните и локалните чинители. Медиумските куќи беа вклучени во пакетот за помош, но работничките права на новинарите треба да се решат.

Добрососедски односи и регионална соработка

Добрососедските односи и регионалната соработка се суштински дел од процесот на европска интеграција на Северна Македонија и придонесуваат за стабилност, помирување и погодна клима за да се адресираат отворените билатерални прашања и наследство од минатото. Северна Македонија го продолжи својот ангажман во бројни регионални иницијативи, како што е Централно-европскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), Енергетската заедница, Транспортната заедница, Процесот за соработка во Југоисточна Европа (СЕЕЦП) и Регионалниот совет за соработка.

Пандемијата со Ковид-19 ја забрза амбцијата да се зајакне регионалната интеграција, преку јакнење на важните врски меѓу пазарите во регионот, како и меѓу ЕУ и шесте економии на земјите од Западен Балкан. Со давање на европска перспектива на Западен Балкан, ЕУ продолжува да го третира регионот како привилегиран партнер преку негово поврзување со инструментите и механизмите на Унијата, вклучително и ослободување од привремени ограничувања за извоз на медицинска опрема од ЕУ.

Економски критериуми

Во врска со економските критериуми, Северна Македонија постигна одреден напредок и на добро ниво на подготовка во развивање на функционална пазарна економија. Погодена од пандемијата, економијата влезе во рецесија во 2020. Постепено закрепнување започна од пролетта 2021 година. Владата примени силен фискален одговор да го ублажи силното влијание на кризата врз домаќинствата и фирмите.

Фискалниот дефицит се зголеми на 8,2 отсто од БДП во 2020, додека јавниот долг скокна на 60,2 отсто од БДП, бидејќи дополнителни финансиски потреби требаше да се покријат.

Капиталните трошоци беа намали со ребалансот на буџетот за да се отвори простор за исплати поврзани со кризата. Но сепак, тие останаа недоволно исполнети. Властите презедоа дополнителни мерки за да ја подобрат фискалната транспарентност, иако се уште не е развиен регистарот за државна помош. Мал напредок е направен за да се подобри наплатата и мобилизацијата на приходите, како и управувањето со јавните инвестиции.

Новиот закон за буџетирање, со кој значително треба да се подобри фискалното управување, се уште не е усвоен во Собранието. Бизнис климата се уште наидува на пречки од распространетата неформална економија.

Животна средина и климатски промени

Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност во оваа област. Ограничен напредок е постогнат во заштита на природата и климатските промени. Сепак, потребна е неодложна имлементацијата во сите сектори. Земјата е охрабрена да ги подигне своите амбиции во врска со зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан. Повеќето од минатогодишните препораки не се имплементирани.

Во претстојната година, земјата особено треба да го направи следното:

-Да ја подобри меѓусекторската координација и да ги зголеми финансиските ресурси за намалување на загадувањето на воздухот на локално и на национално ниво;

-Да направи значајни чекори да воспостави систем на управување со отпад на регионални ниво;

-Да го имплементира Парискиот договор, вклучително преку усвојување сеопфатна Стратегија и Закон за климатски промени, во согласност со рамката на ЕУ 2030.

Би можело да ве интересира

Европската Комисија подготвува нов пакет санкции против Русија

Горан Наумовски

ЕУ ќе и дава на Украина три милијарди евра профит годишно од замрзнатите руски фондови

Горан Наумовски

ЕК: Проширената ЕУ да не носи со себе нови предизвици во форма на нерешени билатерални спорови

ЕУ ги релаксира строгите климатски правила за да го смири гневот на земјоделците

Горан Наумовски

Европската Комисија препорача отворање на преговорите со Босна и Херцеговина

Брисел официјално предложи вклучување на обврските од Охридскиот договор во рамките на преговорите за членство на Србија во ЕУ

Горан Наумовски