Над 100 милиони луѓе во светот имаат потреба од хуманитарна помош, од кои околу 26 милиони се жени, девојки во адолесцентниот период се наведува во извештајот за состојбите на светското население подготвен од Фонд за население на Обединетите нации (УНФПА).
Фотографија на Наке Батев, фоторепортер во дневниот весник Вечер, е поставена на насловната страница на Глобалниот извештај за состојбите на светското население – 2015, годинава насловен „Засолниште во невреме”. Насловната фотографија е направена во прифатниот центар во Гевгелија и таа е дел од приказната која го следи искуството на едно шестчлено семејство кое бега од војната во Сирија и патува кон Белгија.
Јавноста ќе може да види повеќе фотографии од теренската работа на Батев кои се прикажани на изложба во Културно-информативниот центар во Скопје.
Постојаниот координатор на Обединетите нации и претставник на УНФПА во Македонија, Луиза Винтон, на промоцијата на извештајот, рече дека она што е невообичаено за годинешниот извештај е дека една мала и мирољубива земја како Македонија е отсликана многу видливо и проминентно.
Претставникот на Министерството за здравство Михаил Кочубовски на промоцијата истакна дека во 2015 година во медицинските центри во Македонија се направени 11 безбедни и здрави породувања без никакви последици врз здравјето на мајката и бебињата, на жени бегалци и мигранти.
– Нашата земја има изработено Национален план за подготвеност и одговор на здравствениот систем во состојби на криза. Овој план, покрај другите аспекти на здравјето, целосно е приспособен да одговори и на потребите во областа на сексуалното и репродуктивното здравје. Всушност, овие процеси на национално планирање ја ставија нашата земја во редот на лидерите во оваа област, додаде Кочубовски.
Фотографот Ѓорѓи Личовски истакна дека за да бидеш добар фотограф треба многу да ја сакаш фотографијата, да бидеш подобар и да се надеваш дека си направил подобра фотографија од вчера. – Нема многу такви меѓу нас. Еден од ретките е Наке Батев и на мое големо задоволство можам да гледам како напредува и како е подобар од година во година, рече тој.
Наке Батев на изложбата изрази надеж дека фотографиите ќе предизвикаа емоции кај луѓето, за и тие што не биле во бегалските кампови да можат да го осетат тешкиот пат кон слободата, и да ја сфатат целата оваа хуманитрана трагедија што се јавува како феномен на модерното општество.
Тој работеше заедно со претставниците на УНФПА во Гевгелија во август 2015, а во самиот извештај се вметнати и повеќе фотографии од нивната теренска работа. Има дипломирано уметничка и применета фотографија на Националната академија за театар и филм во Софија.