Измени на Правилникот за безбедност при работа на бремени жени според европската регулатива и негово усогласување со подзаконските акти од Законот за хемикалии, бара Групацијата за безбедност и здравје при работа од Стопанската комора на Македонија.
Групацијата укажува дека ознаките за штетни хемикалии што се уште стојат во Правилникот се застарени и треба да се заменат со нови.
Како што рече претседателот на Групацијата Сашко Стојмановски, од неусогласеноста на подзаконските решенија и застарените ознаки највеќе трпат фармацевтската, хемиската и металната индустрија, транспортот, земјоделството, хигиеничарките,…
– Во сегашниот Правилник има три до четири ознаки за штетните хемикалии со кои бремените жени не смеат или ограничено треба да работат, додека најновата европска регулатива налага 10 до 13 ознаки кои поконкретно ја прецизираат штетноста. Практично, Правилникот каков што е сега, не дозволува разграничување на опасните хемикалии согласно ЕУ регулативата, а тоа и нам ни создава проблеми зашто ако утврдиме штетност според Законот за хемикалии, не можеме да се повикаме на тоа и според Законот за безбедност при работа, истакна потпретседателот на Групацијата Борче Стојчевски.
Тој објасни дека наместо буквата „R“ што означува „ризик“, во Правилникот треба да стои „H“ од „hazard” што се однесува на опасност, како во европската регулатива и како во подзаконските акти на Законот за хемикалии.
– Бројот на ознаките е зголемен зашто според најновите истражувања е проширена листата на опасни, штетни хемикалии, додаде Стојчевски.
Покрај измени на овој, Групацијата најавува и измени на Правилникот за заштита при работа на млади работници.