Фотографијата на 21-годишниот војник Арел, кој како дел од француските трупи во 1917 година се борел и загинал на Македонскиот фронт е само една од фотографиите на изложбата насловена „Фронтот во Република Македонија“ која беше отворена денеска во галерија Остен во Скопје во сеќавање на 100-годишнината од Првата светска војна (1915 – 1918).
Постановката е реализирана во соработка со Францускиот Институт во Скопје, а е потпомогната од францускиот регион Долна Нормандија.
Лоран Бове, претседател на регионот Долна Нормандија, кој е во посета на Скопје по повод одбележувањето 10 години од соработката на овој регион со Македонија, рече дека постановката е дел од културната соработка меѓу двете земји.
– Источниот фронт е помалку познат и на некој начин подзаборавен, а на изложбата е присутен и регионот Нормандија. Тоа е фотографијата на војникот Арел кој потекнува од Нормандија, кој се борел на овој фронт, вели Бове.
Инаку, Арел, вели Бове, е и место во Нормандија од каде потекнува едно од најпознатите француски сирења – Камембер.
Француската амбасадорка Лоранс Оер, во своето обраќање истакна дека Источниот фронт, кој е познат и како Македонски или Солунски фронт, е многу важен за Франција бидејќи во борбите на тој фронт загинаа над 70.000 француски војници.
– Со денешната изложба се овозможија да не се заборави жртвата на овие војници и значењето на овој фронт, во Франција и овде… Во Франција речиси секој втор споменик е на некој начин поврзан со Источниот фронт. Овој гест нема само културно-историско значење, туку е во контекст и на нашата поддршка на европската иднина на Македонија, подвлече амбасадорката Оер.
Изложбата се состои од 12 документарни паноа кои преку фотографија и текст на француски и на македонски јазик ги документираат случувањата во Република Македонија за време на Првата светска војна. Таа ќе биде претставена и во училишта и општини низ Македонија, а ќе биде достапна и во Франција преку веб страницата на Француската амбасада во Скопје.
Претседателот на регионот Долна Нормандија, Бове денеска порано ја отвори и новата канцеларија на Децентрализираната соработка помеѓу Долна Нормандија и Република Македонија.