Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИС) денеска беше одликуван од претседателот Ѓорге Иванов со „Орден за заслуги за Македонија“ по повод половина век од постоењето на оваа научна установа која е во составот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а во 2013 прогласена и за институт на УНЕСКО.
Орденот му се доделува на ИЗИС за исклучителните резултати постигнати во научната и апликативна дејност во областа на земјотресното инженерство во земјава и во странство, за придонесот во намалувањето на сеизмичките ризици, заштитата на човечките животи и материјални добра и за афирмацијата на македонските научни достигнувања во светот.
Претседателот Иванов истакна дека Институтот прераснал во најпознат стручен, научен и експертски македонски бренд во земјотресното инженерство и сеизмологија чија научна, образовна, издавачка, експертска и иновативна дејност, како што рече, се сумира во едно нешто – да ја гарантира сеизмичката безбедност на објектите во кои живееме и работиме.
– Целта на Институтот е сеизмички да ја обезбеди најголемата вредност што постои – човечкиот живот. Со сета своја професионалност и посветеност, Институтот ни дава сигурност и извесност. Извесност дека што и да се случи, нашите деца нема да останат без покрив над главата, дека нашите домови, училишта, болници, нашите фабрики и мостови ќе ги издржат можните земјотреси. А таа извесност е појдовната точка за планирање на иднината на нашите семејства, но и за одржлив развој на нашето општество и држава… Му благодариме затоа што ни овозможува да градиме сеизмички побезбедна иднина, рече Иванов.
Додаде дека експертите од ИЗИС се ангажирани во многу држави низ светот, а во Македонија – од основањето до денес Институтот учествувал во проектирањето и издал мислења за над три милиони метри квадратни станбен и деловен простор.
Високото државно признание го прими директорот на ИЗИС, проф. д-р Михаил Гаревски, кој рече дека наградата е значајна и го задолжува Институтот и понатаму да работи посветено како и досега.
– Оваа вредна награда ги обврзува вработените на ИЗИС и натаму да бидат амбасадори на македонската наука во светот. Успесите на ИЗИС се континуирани и се резултат на залагањето на сите негови вработени од основањето до денес. Институтот има огромна улога во намалување на ризикот на земјотреси, особено во земјите во развој, бидејќи имавме цела плејада на студенти. ИЗИС учествуваше и во голем број мисии по катастофални земјотреси, какви што беа во Букурешт, во градот Мексико во 1985, за кој ИЗИС беше одликуван од тогашниот мексикански претседател, во Измит, Турција во 1999, во Пакистан 2005 година… , рече Гаревски.
ИЗИС е основан во 1965 по препорака на Обединетите нации, по скопскиот катастрофален земјотрес, а во таа година се реализирани и првите магистерски студии кои се први во Македонија и први студии по земјотресно инженерство во Европа. Токму на овој Институтот во 1967 бил донесен првиот компјутер (ИБМ 1130), а во 1981 Институтот ја инсталирал најголемата и најсовремена сеизмичка платформа во Европа, која и денес е една од најсовремените платформи во светот.
Во изминатиот половина век ИЗИС давал стручни мислења за сеизмичките параметри на брани, хидроцентрали и нуклеарни централи. Препознатлив е по 12-неделниот курс наменет за земјите во развој, кој го организирал 26 години во кои биле обучени 520 кандидати од 74 земји. Направил и сеизмички тестови за платформи на голем број компании, меѓу кои и за Сименс, проценка на сеизмички ризици на градот Абу Даби и бил во мисиите за проценка на штети по големи и катастрофални земјотреси. За своите активности бил одликуван со многу награди, меѓу кои и со највисоката во поранешна Југославија – „АВНОЈ“.