На денеска одржаната седница на Совет на Општина Штип со шеснаесет гласа „за“ и еден „воздржан“, беше изгласан буџет на Општина Штип за 2018 година.
„На изготвувањето на буџетот му претходеа средби со граѓани, на коишто беа слушани нивните предлози за тоа што Општината треба да направи во 2018 година. При изготвувањето на буџетот за 2018 година во целост се почитуваше принципот на буџетска дисциплина и рационално и ефикасно искористување на нивните приходи и истовремено сведување на непродуктивните трошоци на минимум, а за обезбедување поголем простор за развојни инвестиции.
Вкупниот буџет на Општина Штип за 2018 година е проектиран на сума од 942.425.000 денари, а основниот буџет е проектиран на 474.595.000 денари. Основната цел на буџетот е да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата локална власт. На тој начин ќе се обезбеди простор за мерки и проекти коишто ќе значат зајакнување на социјалната кохезија помеѓу граѓаните и зголемување на квалитетот на живот во нашата општина.
Во буџетот за 2018 година предвидено е реализирање на мноштво капитални проекти. На пример, капиталните инвестиции, коишто се најважен дел за развојот на градот, се позиционирани 180.000.000 денари.
Успеавме да излобираме проектот Брана на река Отиња да влезе во Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. По допроектирање на проектот, треба да започне изградба на оваа долгоочекувана инфраструктурна инвестиција.
Гасификацијата е уште еден голем капитален проект за нашиот град. Во буџетот за 2018 година, издвоени се буџетски средства во висина од околу 6.000.000 денари за проектирање на основен проект за секундарната мрежа на градот Штип со сите фази. Работиме напорно за да можеме да започнеме со реализација и да ја пуштиме првата цевка за гасификација во нашиот град.
Во изработката на буџетот, ставивме акцент на желбите и потребите на најмладите. Затоа, предвидена е изградба на детска градинка во населба Сењак, а исто така и десет детски игралишта со справи за деца на десет локации во Штип.
Ќе има четири пати повеќе средства за рекреација и спорт на учениците од основните и средните училишта во нашиот град. Средствата за невладини организации се речиси двојно зголемени.
Во 2018 година, предвидено е во Општина Штип да се реализираат мноштво други проекти, меѓу кои: изградба на стационар за бездомни животни, реконструкција на трибини на градскиот стадион, реконструкција на крстосницата во населба Сењак, изградба на мал затворен базен во соработка со Агенција за млади и спорт, енергетски ефикасно улично осветлување и др.
Буџетот на Општина Штип за 2018 година беше изгласан после долга и сеопфатна дебата, во демократска атмосфера, се вели во соопштението од Општината.