Избори 2016: А каде е пописот?!

Од:

Иако, Македонија е единствена земја во Европа без спроведен попис на населението веќе 14 години, сепак, оваа исклучително важна статистичка операција не зазема значајно место во изборните програми на партиите и коалициите.

Спроведување попис на населението планираат СДСМ, Либерална партија (ЛП) и Ливица, пришто, единствено ЛП има рок за негово спроведување:

ЛП: „За жал, отсуството на релевантни податоци за демографската, образовната и социо-економската структура на населението поради неспроведениот редовен попис на населението во Македонија е значаен хендикеп и за оваа Либерална политика. Затоа, бараме попис во 2017.“

СДСМ: „Ќе спроведеме попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди. Податоците ќе им овозможат на државните институции, академскиот свет, граѓанскиот сектор, вистинска анализа и креирање на реални политики во секоја сфера.“

Левица: „Спроведување попис на населението и домаќинствата согласно сите меѓународни стандарди.“

ВМРО за Македонија, на своите митинзи, најавува попис на населението, но главно со акцент на неговата етничка димензија. Нема информации дали пописот е и официјално вграден во програмата на оваа коалиција, зашто не е објавена на интернет страниците на нејзините партии.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, пописот го спомнува во својата изборна програма, но само општо и во делот „Електронски регистар на населението“, без да се заложи за негово спроведување: „Ќе се воспостави единствена електронска евиденција за населението во Република Македонија, која би се користела како основна точка за потребните податоци за електронските административни услуги, како и за избори и попис на населението.“

Што се однесува до регистрите, СДСМ во својата програма најавува три основни електронски регистри – регистар на граѓани, адресен регистар и регистар на просторни податоци, кои меѓу другото, треба да претставуваат: „…Основа за сите активности што треба да се преземат за реализација на пописот на населението во Македонија.“

Другите партии чии програми се објавени и достапни за јавноста (програми кои успеавме да ги најдеме на интернет страниците на партиите), немаат планови поврзани со пописот и со регистрите на граѓани.

Имајќи го сето ова предвид, НВО Инфоценарот, ги потсетува учесниците во изборниот процес на очекувањата и на препораките од граѓанската и експертската јавност поврзани со пописот:

Итен приоритет за новата влада формирана после изборите, меѓу другото, мора да биде подготовката и спроведувањето сеопфатен попис на населението, според сите меѓународни стандарди и со засилено меѓународно набљудување.

Новата влада ќе треба да обезбеди политички консензус и волја да се реализира пописот, а тоа подразбира да се решат политичките прашања и да му се дозволи на Заводот за статистика, стручно и независно да ја реализира оваа исклучително важна статистичка операција.

Во Македонија не постојат услови за спроведување попис базиран на регистри. Од клучно значење е да се спроведе релевантен и кредибилен попис преку традиционално теренско попишување на населението.

Паралелно со ова треба да се спроведуваат активности за создавање и поврзување на регистрите на граѓани.

Би можело да ве интересира

Предвремените парламентарни избори ќе ја чинат Австрија и општините околу 20 милиони евра

„Газета експрес“: Вонредните избори во Косово на 29 септември

Татјана Ташкова

На 13 октомври ќе се одржат парламентарни избори во Полска

Доколку не се исполнат барањата до средина на септември српската опозиција ќе ги бојкотира изборите

Светскиот македонски конгрес бара распуштање на Собранието и предвремени избори

Власта тврди дека пописот нема да се одложува, опозицијата дека решението е неевропско

Ана Ололовска