Во тек е Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2015 година, признание што шеста година по ред го доделува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2015 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиена меѓународна награда, меѓународно или домашно признание за научно-истражувачка дејност, резултатите од научното истражување да биле објавени во релевантно домашно или меѓународно списание и да имаат своја применетост.
Проектот „Најдобар млад научник“, инициран од страна на претседателот Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.
-Нашето досегашно искуство покажува дека во Република Македонија постои голем потенцијал на млад науноистражувачки кадар, посветен на научната мисла и дејност. Оттаму, ги повикувам и охрабрувам сите млади истражувачи да аплицираат на јавниот повик, со цел нивниот успех да биде препознаен, истакна Атанас Кочов претседателот на Комисијата за признанието „Најдобар млад научник“.
Според Кочов, радува фактот што бројот на апликанти постојано се зголемува и изрази очекување трендот да се задржи и оваа година.
Признанието „Најдобар млад научник“ беше прв пат доделено од страна на претседателот Иванов во 2010 година, на Никола Златанов, докторант на Универзитетот на Британска Колумбија, Канада. Во 2011 година признанието му беше доделено на д-р Трифче Сандев, кој своето високо образование го има стекнато на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје.
Во 2012 година признанието „Најдобар млад научник“ беше доделено на д-р Катерина Бачева, која своето високо образование го има стекнато на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет. Во 2013 година признанието го доби Петар Стојанов, биоинформатичар кој во Броуд Инститјут, Бостон, САД се занимава со биоинформатичка анализа на генетските промени кај малигните заболувања. Носител на признанито „Најдобар млад научник“ за минатата година е Даниел Денковски, кој работи на полето на електротехника и информациски технологии.
Од Кабинетот информираат дека апликацијата за учество на јавниот повик треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2015 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија. Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.