Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис–ул–улема хаџи сулејман ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.
– Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија да Ви упатам честитки по повод празникот Рамазан-бајрам, стои во честитката.
Се додава дека Рамазан-бајрам е еден од двата најзначајни исламски празника кој го означува крајот на едномесечниот пост и го слави духовното и телесното прочистување. Следните три дена, светиот месец ќе се слави во кругот на семејството и блиските.
Во честитката се наведува дека овој месец е познат и како месец на добрина, милост, солидарност и простување; мисли и заложби на сите нас подеднакво, бидејќи воздржаноста од лошите мисли и духовното воздигнување се универзални човечки вредности.
– Во духот на празникот, Ви упатувам честитки со желби за лична среќа и духовен мир, а на сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам благосостојба, љубов и бериќет, стои во честитката.