Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој е во посета на Република Македонија.
На средбата, соопшти денеска кабинетот на Иванов, беше дискутирано за напорите за постигнување на заедничко европско решение за бегалската и мигрантската криза.
Претседателот Иванов го информираше Туск за најновите состојби, како и за мерките и активностите што ги превзема Република Македонија во справување со бегалската криза.
Во таа насока, стои во соопштението, македонскиот претседател го реафирмираше ставот дека Република Македонија се залага за сеопшто европско решение, што ќе опфаќа заеднички критериуми за справување со мигрантската криза.
– Бараме и очекуваме решение од Европскиот совет и немаме никаков интерес целиот товар да падне само на Грција, но нема да дозволиме да се реализираат еднострани решенија што ќе бидат на наша штета. Воедно, Република Македонија ќе соработува со јужениот сосед за надминување на предизвиците од мигрантската криза, истакна претседателот Иванов.
На средбата со Туск, се подвлекува во соопштението, претседателот Иванов предупреди дека се зголемуваат обидите за насилно влегување во Македонија, употребата на фалсификувани пасоши и документи на ФРОНТЕКС, како и насилството врз безбедносните сили на граничната линија, со што се доведува во прашање не само националната безбедност, туку и регионалната стабилност.
Иванов, се посочува, беше дециден дека во случај на затворање на балканскиот мигрантски коридор, Република Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за хуман третман на мигрантите кои транзитираат, како и за заштита на државните граници и зазачувување на националната безбедност.