Ако некој мисли дека со злоупотреби и манипулации може да ги подели и раскара граѓаните, очигледно не знае за каков мудар и умерен народ станува збор, вели претседателот Ѓорге Иванов во денешната писмена изјава до медиумите, изразувајќи голема загриженост поради вчерашните случувања во и пред Собранието.
– Со голема загриженост ги следев вчерашните случувања во и пред Собранието на Република Македонија. Жалам за немилите сцени и искрено се надевам дека тоа што вчера го видовме нема никогаш да се повтори, нагласува Иванов.
Вчера, како што посочува, се случи она на што предупредив во моето годишно обраќање. – Очигледно моите апели не беа послушани. Уште еднаш ќе повторам. Не може целото општество, да биде заложник на неодговорно однесување. Кога станува збор за интересите на граѓаните и за непреченото функционирање на државата, тогаш нема простор за парцијални интереси, вели Иванов.
Истакнува дека во демократијата може да постојат политички пријатели и политички непријатели, но политичките актери не смеат да се гледаат низ призмата на душмани.
– Граѓаните очекуваат решенија, а не проблеми. Но, решенијата мора да се наоѓаат во институциите на државата од страна на оние избрани за тоа. Недозволиво е во третата деценија од нашата независност да сведочиме за насилство насочено кон и во демократските институции и уставниот поредок, нагласува претседателот.
Тој изразува жалење за немилите сцени со претставниците на медиумите, посочувајќи дека секој во оваа држава има должност да го почитува поредокот, Уставот и законите и никој во оваа држава не смее да биде попречуван да си ги врши професионалните обврски, било да се тоа претставници на медиумите, народни избраници или овластени службени лица.
– Сум кажал и пак ќе повторам. Ако некој мисли дека со злоупотреби и манипулации може да ги подели и раскара граѓаните, очигледно не знае за каков мудар и умерен народ станува збор, нагласува Иванов.
Македонскиот претседател вели дека не очекува многу работа и на домашен план и на планот на евроатлантската интеграција. – Граѓаните очекуваат поголема благосостојба и просперитет. Сите политички субјекти треба да служат за остварување на тие интереси на граѓаните, вели Иванов.