Неопходна ни е сплотеноста меѓу власта и опозицијата, меѓу Македонците и Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците, меѓу христијаните, муслиманите, Евреите и атеистите, за да успееме да истраеме во нашата цел за просперитетна, посреќна, побогата и посплотена европска и евроатлантска Република Македонија.
Ова го истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечерва на свечената академија по повод одбележувањето на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба во Музејот на македонската борба за државност и самостојност.
Крајот на стариот и почетокот на новиот век, како што вели, секогаш се доживувал со еуфорија. – Оние чиј век бил на залез, чувствувале страв и неизвесност од иднината. Оние, пак, кои дотогаш биле обесправени, со храброст и со оптимизам ја очекувале новата доба, додава Иванов.
По многу нешта, како што истакнува претседателот, крајот на 19 и почетокот на 20 век беше златната доба на западната цивилизација. Потсетува дека за Европа, тоа беше период на релативна социјална стабилност, мирни меѓународни односи, политички реформи и економски интеграции, со дотогаш невиден технолошки и културен напредок.
– На сево ова што го одбележа крајот на 19 и почетокот на 20 век претходеа револуциите. Револуционерните години од 1830, 1848 и 1871-та го навестија крајот на старите режими и империите на 19 век. Токму таа 1871-ва, што ја донесе Париската комуна, беше година на обединувањето на Италија и Германија. 1871-та најави слични процеси и стремежи во другите делови на Европа, рече Иванов.
Во својот говор Иванов нагласува дека ваков бил еуфоричниот амбиент во кој на 23 октомври во 1893 година, само седум години пред почетокот на новиот и надежен 20 век, шестмина Македонци се собраа на едно место. Се собраа и рекоа: тоа што го имаат другите европски народи ќе го имаме и ние – слободна и независна македонска држава.
– На тој ден, 23 октомври, во Солун ја создадоа првата семакедонска организација. Најмладиот меѓу нив е 22-годишниот учител Даме Груев. Најстариот е 32-годишниот книжар Иван Хаџи Николов. Тие, заедно со д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Батанџиев го трасираа патот на организираната македонска револуционерна борба и ги дадоа нејзините основни насоки, вели Иванов.