Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка до претседателот на САД Барак Обама, по повод неговата свечена инаугурација и официјален почеток на вториот мандат како претседател на Соединетите Американски Држави.
„Вашиот реизбор на оваа одговорна функција, подвлекува во честитката Иванов, ја рефлектира вербата на граѓаните на САД, пред сè во Вас лично, но и во визијата на Обама и искрените идеи и заложби за обезбедување натамошен просперитет и на еднакви можности за сите“.
Како што посочува Иванов, преку доследната и темелна посветеност во решавањето на внатрешните и надворешните предизвици, граѓаните на САД, но и светот како целина, во Обама добија посветен и искрен пријател, кој има волја и знаење за успешно справување со горливите светски прашања. Ангажманот на САД на глобален политичко-безбедносен план, истакнува, е од исклучително значење.
Македонскиот претседател изразува уверување дека Република Македонија останува стабилен и доверлив партнер и пријател на САД, во насока на севкупните заложби за мир и безбедност, слобода и демократски просперитет на сите народи на светот, како и во активностите насочени против тероризмот и сите универзални закани по светскиот мир.
„Во периодот што претстои, очекуваме натамошен заеднички ангажман и соработка, насочени кон јакнење на досегашниот квалитетен и плоден политички дијалог меѓу двете држави, како и цврста соработка на мултилатерален план, особено во рамките на НАТО. Ве уверувам дека Република Македонија останува силно посветена на заложбите за полноправно членство во Алијансата. Во надеж дека наскоро ќе имаме можност за лична средба и размена на мислења по прашањата од заемен интерес, дозволете ми уште еднаш да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување и искрените желби за успех и просперитет на личен и професионален план, стои во честитката од Иванов до Обама, по повод неговата свечена инаугурација и официјален почеток на вториот мандат како претседател на Соединетите Американски Држави“.