Пронајдени марихуана, шприцеви и хашиш во домот на Моника, соопшти Обвинителството

Од:

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против активистката Моника Ристевска за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и и определи 30-дневен притвор.

– По предлог на надлежен јавен обвинител, судија на претходна постапка од Кривичниот суд во Скопје на осомниченото лице му определи мерка притвор во траење од 30 дена, како мерка за обезбедување на присуството во текот на кривичната постапка, соопшти Jавното обвинителство.

Ристевска е осомничена дека во текот на 2017 и 2018 година, во повеќе наврати, искористувајќи исти прилики и ист траен однос, неовластено набавила наркотична дрога марихуана, од која што со понатамошна преработка добивала наркотична дрога хашиш и други опојни средства, кои потоа ги продавала на уживатели на територијата на Град Скопје.

Како што се наведува во соопштението од Обвинителството, на 29 септември 2017 година во скопското село Ракотинци при извршен претрес од овластени службени лица на СВР Скопје, кај осомничената се пронајдени и одземени: една полиетиленска кесичка со нето 27.46 грама, два шприца со вкупен волумен од 9 мм и остатоци од шприцевите со наркотична дрога хашиш смола, една дигитална вага со остатоци од марихуана, две шишиња со вкупен волумен од 2060 мл етил алкохол органски растворувач.

На 5 јули 2018 година во близина на Канцеларијата за врски на Грција во Скопје, од страна на полициски службеници било извршено легитимирање на осомничената и кај неа биле пронајдени два шприца со остатоци од наркотична дрога хашиш смола, а еден шприц со волумен од 2мл со наркотична дрога хашиш смола е пронајден кај сведок на кого што обвинетата му го продала за 3.000 денари.

На 8 октомври годинава на ул. „Мите Богоевски“ во Скопје кај осомничената биле пронајдени: четири шприца со вкупен волумен од 39.7 мл наркотична дрога хашиш смола, темно кафеава масловидна материја со волумен од 12 мл наркотична дрога хашиш масло, семки во стаклен сад со нето маса од 0.42гр кои потекнуваат од растение кое припаѓа на растителниот род Cannabis – марихуана, растителен материјал во полиетиленски кесички со нето маса од 7.62 грама, полиетиленско пакување с остатоци од растителен материјал марихуана , пакувања со нето маса од 30.15 грама марихуана помешана со тутун, две дигитални ваги со остатоци од наркотична дрога, еден мал вентилатор, два електрични блендери со остатоци од наркотична дрога , едно грејно тело марка „ИЦМ“, еден топломер со остатоци од наркотична дрога, една тегла семки, 19 празни шприцови, две пластични чаши со црвено капаче во кои има кефава маст, две пластични проѕирни црева и една празна полиетиленска кеса со остатоци од непозната материја, три стаклени епрувети со држачи и една пластична туба со налепница „Етанол“ кои сите биле наменети за производство, а потоа и за продажба на наркотична дрога.

Во Република Македонија, согласно чл.215 ст.1 од Кривичниот законик, казниво е неовластеното производство, преработка, продажба или нудење на продажба, како и заради продажба купување, држење, пренесување или посредување во продажба или купување или на друг начин неовластено пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Согласно чл. 20 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, пропишана е прекршочна одговорност и казнување за уживањето во наркотични дроги, психтотропни суптанции и прекурсори.

Во врска со овој случај претпладнево во МВР е закажана изјава за медиумите, а поддржувачи на Ристевски најавија протест пред Јавното обвинителство Скопје.

Би можело да ве интересира

Активистката Ристеска облеана во крв тврди дека татко и се обидел да ја убие, полицијата го уапси

Кристијан Ландов

Активистката Ристеска осудена на една година затвор

Кристијан Ландов

ВИДЕО: Моника Ристеска осудена на две години условна казна

Кристијан Ландов

Поднесено обвинение против Моника Ристеска и барање за продолжување на притворот

Наум Локоски

ХК: Притворот не е неопходна мерка за Моника Ристовска

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Митровски: Државата овозможува мултимилионски бизнис со канабис, а граѓаните ги гони како криминалци

Ана Ололовска