Одронот на патниот правец Катланово – Велес после наплатната станица Сопот е исчистен, но сообраќајот превентивно се одвива по една лента во должина од 200 метри, соопшти вечерва Авто мото сојузот на Македонија.
Оттаму препорачуваат внимателно возење и на обиколницата на Скопје, односно на 7-миот километар кај Смилковци каде е излеана вода на коловозот во должина од 10 до 15 метри. Поставена е соодветна сигнализација, но на возачите им се препорачува да ја прилагодат брзината до 30 километри на час.
Поради свлечиште отежнато се одвива и сообраќајот на патниот правец Страцин – Крива Паланка. Зафатена е третата лента од коловозот во должина од 150 метри.
Сеуште прекин во сообраќајот има на патниот правец Кочани – Македонска Каменица, поради големи одрони од камења. Сообраќајот се пренасочува преку Виница – Берово – Делчево.
Поради голем одрон забрана за сообраќај има и на патниот правец Македонски Брод-Скопје, поточно Близанско – Козјак на 1,6 км после браната.
Прекини има и на патните правци Марвинци – Гевгелија, Кочани – Зрновци и Тработивиште – Разловци, Киселица – Злетово, локалниот пат за село Покрајчево, регионален пат од с.Тополчани кон с.Клепач и патниот правец Битола-Старавина, односно осум километри пред селото Новаци.
Поради појава на магла, видливоста е намалена на 50 до 100 метри на патот Кратово – Пробиштип, а врнежи од снег има во Крива Паланка, Делчево и на планинскиот премин Буково. бак/