Инженерот Ѓорѓи Лазаревски ќе сведочи како МВР 7 години масовно ги прислушувало граѓаните

Од:

Во кривичниот суд во Скопје, утрово продолжува судењето за предметот со масовното прислушување на СЈО, „Таргет-Тврдина“. Судијката Џенета Бектовиќ ги одложуваше речиси половина година рочиштата поради одлуката за екстрадицијата на бегалецот Горан Грујевски.

На денешното рочиште треба да сведочи првиот од 100-ината сведоци предложени од СЈО, укажувачот Ѓорѓи Лазаревски, кој заедно со Звонко Костовски ги изнесоа бомбите од Управата за безбедност и контраразузнавање и му ги предадоа на ексдиректорот на УБК, Зоран Верушевски. Лазаревски за време додека траело прислушувањето работел како инженер во УБК.

Обвинетите за прислушувањето во предметот „Таргет-Тврдина“ на специјалното јавно обвинителство материјалите го добивале на нивните лични компјутери, а Никола Бошкоски гу уништил направените фотографии и видеа од дробењето на системите за прислушување. Единствено за ова обвинение, СЈО не објави анонимизиран примерок на нивната веб-страница, поради бројните класифицирани документи наведени во обвинителниот акт.

Обвинителите од СЈО во воведниот говор рекоа дека ќе докажат дека во февруари 2015 година, по објавувањето на бомбите, Горан Грујевски и Сашо Мијалков се обиделе да го сокријат фактот дека незаконското следење на комуникациите се одвивало во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање. Мијалков му наредил на Грујевски да ги уништи системите Vernit и Nice Track во време кога Nice Track сè уште бил во употреба“. Грујевски, заедно со шефот на одделот за координација во УБК, Тони Јакимовски, воспоставил ад хок Комисија, во отсуство на какви било законски основи. Процесот го одобрила Гордана Јанкулоска, тогашната министерка за внатрешни работи. Со таквите дејствија, според СЈО, му била нанесена штета на буџетот од 87.261.058 денари.

Уништувањето на системите било изведено во 2 фази. Во првата фаза, системите биле уништени на 28 март 2015 година во отпадот за старо железо „БУ-БО Металика“, каде системите биле демонтирани и ставени во преси. Транспортот го организирале Грујевски, Јакимовски и Бошкоски. Уништувањето го извршиле неколку лица, како и двајца вработени во „БУ-БО Металика“. Еден од членовите на комисијата го снимал со видеоснимки уништувањето на системите за прислушување.

Втората фаза се одвивала на 3 април 2015 година. Грујевски, како што пишува во извештајот, им наредил на неколку членови на комисијата да се осигураат дека системите за прислушување се целосно уништени. Второто уништување се одвивало во „Еко-Циркон“ во Маџари (општина Гази Баба). Таму, двајца од вработените на компанијата го ставиле згмечениот материјал во дробилка и го издробиле. Постапката била документирана со фотографии и видеоснимки. Комисијата им поднела извештај на Мијалков и Јанкулоска, докажувајќи им дека задачата е извршена, а Никола Бошкоски ги уништил фотографиите и видеоснимките од операцијата.

Елена Џиланова, началничката на Секторот за телекомуникации во МВР, му помогнала на Грујевски да ги сокрие доказите од следените телефонски броеви. Таа ги отстранила податоците од трите LI IMS сервери, кои биле во сопственост на трите мобилни оператори, при што податоците ги префрлила на мемориски стик.

Во предметот „Таргет“, СЈО тврди дека Сашо Мијалков формирал злосторничко здружување со цел незаконско следење на комуникациите од големи размери за да добива информации за сите општествени сфери. Основачи на злосторничкото здружување се началникот на петтата управа, бегалецот Горан Грујевски, и шефицата на оперативното одделение, Надица Николиќ.

Мијалков, Грујевски и Николиќ им наложиле на седуммина свои потчинети да внесуваат телефонски броеви во системите за прислушување (Vernit, Nice Track и IPS) за да ги следат комуникациите во УБК. Четворица од службениците се обвинети за злосторничко здружување, а СЈО не поднело обвиненија против тројцата службеници кои помагале во прислушувањето, зашто тие се сведоци во постапката.

Еден од нив е Звонко Костовски, главниот инженер во Одделот за одржување и телекомуникации на петттата управа во УБК, а потоа раководител во одделот за информатичка и техничка поддршка. Костовски го надгледувал техничкиот процес на спроведување на незаконското следење на комуникациите. По барање на лидерите на групата, тој креирал посебни кориснички профили и ги групирал со име „важно“, овозможувајќи им на креаторите на групата пристап до системот за надзор и можност да ги слушаат пресретнатите комуникации лично на нивните компјутери. Костовски потоа материјалите му ги предал на Ѓорѓи Лазаревски, а тој му предал на Зоран Верушевски, за на крајот, Верушевски да му ги предаде на Зоран Заев.

Во предметот „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои чекаат политички азил во Грција, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

Кривичен го препрати предметот против Мерко во струшкиот суд: Не биле надлежни тие, туку судот во чие подрачје се извршило делото

Таткото на Вања бара да биде пуштен од притвор – Фетаи е против, Апелација одлучува

Отворена стечајна постапка за поранешно Фени: На работниците им должи 2,18 милиони евра за плати

Орце Костов

Нино Васев не смее да оди на работа во Онкологија – судот ги прифати мерките од обвинителство

Ѓорѓе Давид не ја напуштил Македонија: Утрово се јавил во кумановскиот суд поради мерката за претпазливост

Судски совет утре ќе одлучува да за враќање на Шабани во Кривичен суд до завршување на „Талир“ и „Титаник“

А1он