Во земјата е прогласена вонредна состојба за да може општеството полесно да се справи со битката против ширење на коронавирусот Ковид-19. За погoлем број од граѓаните во Македонија, првпат е да бидат современици на ваква состојба и да се приспособат на мерките и препораките за самоизолација и максимална внимателност.
Иако пред две недели за епидемијата и фаталните размери што таа ги предизвика бевме сведоци само преку искуствата на другите земји, истата битка е пред нас. Стравот и паниката се неизбежни, социјалната изолација создава тегоби и, според професор доктор Славица Арсова од Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за психијатрија, дури човекот може и да се парализира со враќање во регресивна состојба, односно како беспомошно бебе се држи до основните нагони на исхрана и физиолошки потреби.
Но, според неа, стравот во оптимална количина е корисен за самозаштита, а свесноста и изнаоѓањето начин за други видови социјализација се клучни да се сочува менталното здравје во овие мигови.
Како, според Вас, оваа состојба влијае врз колективното ментално здравје ако се земе предвид дека ова е потполно непознат непријател, кој по автоматизам предизвикува страв и за здравјето и животот и за материјалната егзистенција?
„Секако дека оваа состојба влијае на менталното здравје на целата популација. Имено, оваа кризна состојба предизвикува чувство на несигурност, небезбедност, на кое се надоврзува зголемена напнатост и вознемиреност. Која било ситуација што го зафаќа целото население или речиси целото има улога на трауматска ситуација, која може да предизвика посттрауматска стресна состојба кај сите. Нејзиниот облик зависи од индивидуалните карактеристики, но може да се манифестира интензивен страв, немир, збунетост, вкочанување, нарушување на сонот со пролонгирани несоници, намалено распложение, нарушување на вниманието, концентрацијата или појава на разни соматски поплаки. Интензитетот на ваквите тешкотии зависи од изложеноста на трауматската ситуација, значењето на ситуацијата за индивидуата и од индивидуалните одбранбени психолошки снаги“.
Дали стравот и паниката може да предизвикаат посериозни ментални нарушувања?
„Стравот е основна или базична емоција, која сама по себе не е штетна, напротив, е корисна, односно има задача да нè заштити од некоја опасност, опасност за нашето телесно или ментално здравје. Стравот нè тера да се штитиме и да ги избегнуваме можните ризици. Во оваа смисла на зборот стравот има заштитничка улога, но доколку тој се развива и тогаш кога не сме реално загрозени и достигне степен на паника, тогаш не само што не е корисен туку, напротив, тој е штетен. Имено, доколку некој човек е преплавен со силна анксиозност, односно исчекување дека ќе се случи нешто лошо, тогаш тој не е способен целосно логично да размислува и рационално да се однесува. Кога сме преплавени со страв, тој го раководи нашето однесување и не сме способни да донесуваме рационални одлуки и разумно да се однесуваме, напротив, или се вкочануваме и не правиме ништо или, пак, следува немир, кој не ни дозволува ниту да мислиме ниту, пак, што било да работиме, со нарушен сон и исхранување. Покрај ова долготрајната напнатост, вознемиреност, силно изразениот страв ја троши нашата менталн снага, која ни е потребна за справување со реалните тешкотии, а се зголемува и можноста за намалена отпорност кон актуелните заразни болести“.
Како се справуваат пациентите кои и онака се во фрагилна психичка состојба, дали е зголемен бројот на пациенти на Клиниката за психијатрија со разновидни тегоби предизвикани од паниката од вирусот?
„Пациентите што имале некои психолошки тешкотии во минатото се со зголемен ризик за влошување во дадената ситуација, која предизвикува чувство на страв, несигурност и небезбедност кај целото население. Препораките за сите се придржување кон официјалните препораки, вртење кон реалитетот, рационализација, (користење на разумот со цел престрашување), примена на техники за релаксација во домашни услови или надвор во природа, без контакти, насочување на вниманието на која било друга активност или примена на активности во домот, кои нудат задоволство и релаксација, како домашни активности, музика, филм, телесни вежби, како јога или лесни физички активности, дружење преку телефонска или интернет-комуникација, домашни игри, правење корисни работи за друг. Доколку тешкотиите се интензивираат, треба да се побара стручна помош, најпрво телефонски, а доколку е неопходно, и во соодветните медицински служби.
Можете ли оваа колективна психичка состојба да ја опишете поблиску до некој нам општо познат страв (страв од смрт, страв од губиток, или слично)?
„Актуелната ситуација, секако, го разгорува базичниот страв од смрт или страв од губиток на контрола, а со овој страв секој се справува користејќи ги своите механизми на одбрана. Стравот во ситуација на епидемија, страв од нешто непознато, опасно, ги носи луѓето во една регресивна позиција во која се однесуваат неразумно (купување неразумни количини храна или тоалетна хартија), а беспомошноста ги прави зависни од туѓата помош, особено од помошта на здравствените работници. Освен стравовите, секако социјалната изолација создава тегоби, особено ако се земе предвид дека сите живееме многу динамично во постојан грч од секојдневието, а одеднаш се наоѓаме дома, изолирани и растоварени од голем број обврски, но и без контакт со луѓе надвор од најтесниот круг.
Дали и ова се рефлектира врз менталното здравје и како да успееме да се навикнеме на новата ситуација?
„Луѓето се социјални суштества, односно тие имаат потреба за задоволување на социјалниот нагон, односно имаат потреба за дружење, размена на информации, размена на чувства, задоволства. Актуелната ситуација наложува социјална изолација и тука нема ништо добро, освен заштита од можната зараза. Во дадената ситуација потребнаи се адаптација и користење други помошни алатки за справување со социјалната депривација. Ова би значело користење на другите начини на комуникација и обновување на заборавените социјални вештини, создавање нови, развивање на креативноста и фантазијата. Оваа ситуација ни овозможува развој на човечките највисоки вредност, како солидарност, помагање, поддршка, ставање на туѓите потреби пред нашите, односно сподлеување љубов на еден поинаков начин“.
Се чини најизложени на предизвикот во ова време се здравствените работници. Има ли паника меѓу колегите и како тие се справуваат или ја манифестираат својата состојба во време кога се најповикани да бидат на висина на задачата и по цена на сопственото здравје?
„Здравствените работници се личности како и сите други, имено тие со себе си ги носат својата структура на личност и своите начини на справување со кризна ситуација. Тие како и другите луѓе се плашат, тагуваат и се радуваат, сепак изборот на професијата подразбира помош на оној кому му е најпотребна и во мирни и во кризни времиња, ставање на туѓите потреби над своите. Здравствените работници избрале професија, која подразбира целосна посветеност на потребите на пациентите во сите услови, секој ден и кога е празник или викенд и кога има епидемија или друга вонредна состојба. Тоа е нивната работа и затоа се вели дека е најхумана професија“.
Какви препораки, совети, би им дале на граѓаните за да може полесно да се справат со стравот и паниката?
„Најдобро е следење на препораките што се упатуваат од Министерството за здравство, прифаќање на дадената ситуација што побргу, адаптација, дружење на поинакви начин од вообичаено, секако да се бара помош од стручни лица секогаш кога е потребно. Доколку кај некого се интензивираат тешкотиите до степен на нарушување на вообичаеното секојдневно функционирање, како, на пример, значајно повлекување, одбивање комуникација, нарушување на сонот и исхранувањето, оптовареност со лоши мисли или смрт, агресивно или деструктивно поведение, секако би укажувало на влошување на психичката состојба.
Дали Клиниката за психијатрија во моментот нуди телефонска поддршка за луѓето што се чувствуваат уплашено или конфузно?
„Во моментовт на Клиниката функционираат неколку телефонски линии, кои имаат цел психолошка поддршка на лицата што се во изолација, на родителите со деца во изолација, сите жители во кризните подрачја и секому кому му е потребна стручната помош“.