(ИНТЕРВЈУ) Љупчо Николовски: Убеден сум во победа, граѓаните не сакаат да се вратат во несигурност и страв на ВМРО-ДПМНЕ кое уште е под кормилото на Груевски

Од:

На последниот ден од изборната кампања за предвремените парламентарни избори во интервју за „А1он“, генералниот секретар на СДСМ и носител на листата во изборната единица 3, Љупчо Николовски рече дека е време ДУИ да заминат во опозиција и додаде дека нема да прифатат уцени од било која партија при изборот на коалициски партнер.

На политичките опоненти ВМРО-ДПМНЕ им порача да престанат да шират лажни вести и да си ги решат проблемите во партијата, да направат вистинска реформа, затоа што како што рече, партијата ја води уште старото груевистичко ВМРО кое нема што да им понуди на граѓаните.

-На прашање какви се анализите на СДСМ, односно колацијата „Можеме“, колку мандати очекуваат, какви се шансите за освојување на власта, Николовски вело дека коалицијата ке има сигурна победа?

– Убеден сум во голема и цврста победа. По 10.000 извозени километри низ Истокот, 22 општини, сите населени места ги пројдов и секаде слушам – да! Дишеме слободно, зборуваме слободно! Сега сакаме да одиме напред!

Млади и стари, бизнисмени и работници, доктори и текстилци, пазарџии и трговци, се видов со сите. Ги ценат сите успеси што ги направивме за кратко време.Знаат со која партија на власт се чувствуваат повеќе безбедни. Со која партија сметаат дека може докрај да се доведат преговорите со ЕУ. Која партија може да донесе стабилност и поддршка од меѓународната заедница, вели Николовски.

Знаат дека со коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ ќе одиме напред. Граѓаните не сакаат да се вратат во несигурност и страв.

-Дали вашиот партнер во владата би бил повторно ДУИ иако вашиот лидер отворено кажа дека нема да коалцира со оваа партија. Што доколку ДУИ пак го освои мнозинството кај албанскиот електорат?

-Не ми се допаѓа ова што го гледам од ДУИ, но не ме чуди. Тие имаат сериозно нарушен рејтинг кај граѓаните и одат на националистичка карта, која не се свесни дека нема да им помогне, туку напротив, многу многу ќе им наштети.

Тргнаа со идеја за некаков надпартиски кандидат Албанец за премиер, за на крај да се сведат на човек, кој само два дена пред да биде промовиран, ја критикуваше оваа идеја.

Цитирам – „Слоганот за премиер Албанец не е голема идеја и не може да биде атрактивна за да се направи радикален пресврт кај гласачите“. Ова не се мои зборови или на некој од СДСМ, туку зборови на Насер Зибери, дадени за медиумите два дена пред да биде официјализирано неговото име.

Треба ДУИ да замине во опозиција, тоа е добро и за неа и за државата. Од многу години на власт, се случува само едно – се губи допир со реалноста. За нив и за сите е подобро тие да го отседат натпреварот на клупа, вели генералниот секретар на СДСМ.

-Доколку не е ДУИ дали опцијата за коалицирање е со партии од албанскиот опозициски блок?

– Уцени не прифаќаме. Ќе разговараме со секој кој е подготвен да ја усклади својата програма кон програмата на коалицијата „Можеме“. Имаме одлична програма која доаѓа од најшироката коалиција во македонската политичка историја и во неа има програми за подобро утре на сите граѓани.

Ние мислиме на иднината, покажавме со решавање на тешки децениски прашања дека не сме тука за да ги штитиме своите интереси или интересите на партиите во коалицијататуку на граѓаните. На некои партии не им одговара таква влада која е отворена, транспарентна и која се корегира пред секоја аргументирана критика.

Затоа, време е таквите партии да поминат четири години во опозиција и да го искористат тој период да се реформираат, а на нивно место да дојдат партии кои се подготвени да покажат различна политика!

-Како гледате на малите партии, кои на овие избори одат со национален предзнак, зачуваување на идентитетот, јазикот и најавуваат освојување и по десет пратеници, при што повикуваат гласот за нив да го дадат и разочараните гласачи од СДСМ?

– За само половина мандат направивме повеќе од нашите претходници за 11 години. Поголеми плати, поголеми пензии, повисока социјална помош, укината радиодифузна такса, воведен поврат на ДДВ, воведена евтина струја и што уште не. А на сето тоа наидовме на крајно неодговорна опозиција која за сите овие работи кои ги вратија парите назад кај граѓаните гласаа ПРОТИВ!

Имајќи го во предвид краткиот период кој го имавме и фактот што згора на сето ова ние решивме проблеми кои 30 години не кочеа во државниот прогрес заради политиканство, а сега имаме чист пат за развој, навистина не гледам разочарување кај гласачите од СДСМ туку силен мотив да продолжиме напред. Тие се свесни што се направи за половина мандат и знаат дека можеме уште повеќе и уште подобро!

Малите партии си имаат своја програма, живееме во демократија, секој е слободен да зборува, критикува, обвинува, кажува се што сака… Тоа до пред неколку години беше невозможно, а сега го уживаме истото секојдневно. Секој кој смета дека програмата на малите партии е подобра и тие можат да ја водат државата во права насока, може да гласа за нив непречено.

-Дел од политичките партии, особено десните, најавуваат поништување на Преспанскиот договор и враќање на уставното име на државата, како гледате на ова опција?

– Видете, во основа тоа го зборуваат само дел од помалите партии но и ВМРО-ДПМНЕ. Тие велат дека ќе го поништат договор од Преспа. Тоа значи прекинување на членството во НАТО и преговорите со ЕУ и затворање на нашите врати и останување во изолација уште многу долго во иднината, веројатно и со загрозување на државната безбедност. Затоа тоа не смееме да го дозволиме. Граѓаните на 15 јуни ќе одберат напредокот да продолжи.

-Вашите политички опоненти обвинуваат, дека и покрај Преспанскиот договор, Грција може да го блокира патот кон ЕУ? Можно ли е тоа да се случи?

-Знаете дека имаат прекар, фејк-њуз ВМРО ги нарекуваат. Единственото нешто што им дава живот се лагите. Ниту Гоце сме го дале, ниту северџани сме се крстиле. Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик, признат од целиот свет. Фејк њуз ВМРО треба повеќе да ја сакаат земјата и својот народ. Да беше така немаше во само две и пол години да гласаат ПРОТИВ поврат на ДДВ, ПРОТИВ платежна картичка, ПРОТИВ евтина струја, ПРОТИВ укинување радиодифузна такса, ПРОТИВ зелена нафта за земјоделците, ПРОТИВ зголемени пензии, ПРОТИВ зголемена социјална помош, ПРОТИВ зголемена минимална плата!

Македонците се против враќање во минатото. Одиме напред. Лагите не им проаѓаат. Ова што го прашувате е уште една измислица на Игор Јанушев, креаторот на најголем дел од фејк вестите во фејк-њуз ВМРО.

-Кај граѓаните постои разочараност од властите кои се менуваа во изминатите 30 години, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ,особено кога е во прашање крупниот криминал. Постои ли недостиг на одговорност за меѓусебнта амнестија на криминал, корупцијата и нефункционирањето на институциите. Како да се надмине оваа состојба?

-Имаме уште многу работа, апсолутно. Судските проблеми се следни на агендата за решавање. Законот за Јавно Обвинителство е темелот на кој ќе ја градиме таа промена. Истиот го донесовме иако ВМРО-ДПМНЕ беше ПРОТИВ носењето на законот зошто знаат дека со него се поставува темелот на вистински независното судство и обвинителство каде нема веќе местенки, туку само одговорност!

Се ќе направат да го заштитат криминалот и нивното членство кое плива во обвиненија и опасност од одговорност.

Состојбата ќе се надмине само со вистински реформи и промени. Барме чист мандат за да ги искинеме ланците што не влечат назад. Без калкулирање, без интереси. Како што храбро решивме други крупни проблеми, сега следно е судството. Не смее да им се дава шанса на учениците на Груевски да прават додатни проблеми зошто ТИЕ СЕ ПРОБЛЕМОТ а ние решението.

-Што би им порачале на вашите политички противници, кои ве обвинуваат за предавство на македонскиот идентитет, може ли ова поларизација да се намали и да се најдат точки на обединување?

-Обединување е и те како потребно! Но, за тоа да се случи треба да се променат, наместо да се против се она што враќа пари назад кај граѓаните. Гласаа против укинување радиодифузна такса, против воведување евтина струја, против поврат на ДДВ, против национална платежна картичка, против зелена нафта, против се што не ги носи парите на Белизе и кај бегалецот од Будимпешта!

За нивно и општо добро ќе биде ако партијата се реформира и се исчисти од сите остатоци на тоа автократско владеење кое не врати наназад десетици, десетици години. Ништо таму не е реформирано. Истата екипа на Груевски која само му ја грее Белата палата за големото враќање на „Пастирот”. Таму има и чесни луѓе, домаќини, мора овие криминалци да се испратат во политичка пензија за тие одговорни луѓе да добијат шанса и да го вратат образот кој таа партија го загуби.

Во однос на лагите што ги споменувате, нека се запрашаат граѓаните – Не сте Македонци? Не зборувате Македонски јазик? Имаше ли К од кантонизација и Ф од федерализација? ЛАГИ драги пријатели!

Кажав и погоре, северџани може да се тие од фејк-њуз ВМРО, ние останатите сме Македонци во држава членка на НАТО, а наскоро и полноправна членка на ЕУ со неповторлива шанса да си отвори врати кои за неа отсекогаш биле затворени. Ќе одиме напред, нема да не лажат по илјадити пат.

Време е да си ги вратиме пријателите назад, а децата да ни останат дома. Македонците ни требаат дома! За странство да ги оставиме само Македонските производи со кои ќе го градиме Македонскиот бренд во големата и моќна Европска Унија.

– Каква излезност очекувате на изборите, во услови на пандемија со Ковид-19?

-Обезбедени се сите услови за безбедно, непречено, сигурно гласање. Очекувам граѓаните да го искористат своето право на глас бидејќи ова се навистина важни избори. Со маска, пенкало, со одржување дистанца, очекувам луѓето да излезат во голем број и да одлучат кој сакаат да ја предводи државата наредниве 4 години.

Меѓу другото токму тоа е и една од најважните теми – која партија подобро ќе се справи со здравствената криза која не знаеме каков удар ќе ни зададе од есен. Кој сакате да е на чело во една таква ситуација?

Ги повикувам граѓаните со почитување на сите мерки, да учествуваат во изборниот процес и да ја земат судбината во своја рака гласајќи на 15-ти јули за бројот 3 и најшироката коалиција во Македонската историја – коалицијата Можеме!

Би можело да ве интересира

Следува уште една изборна година

Ана Ололовска

Усогласување на владината програма и распределба на кадри во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската да отвори случај за финансирање на изборната кампања на СДСМ

А1он

Уште пет дена за договор за нова влада

А1он

СДСМ: Продолжуваат разговорите за нова влада со полн четиригодишен мандат

А1он

СДСМ тврди дека преговара за Влада со стабилно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ бара да ги кажат имињата на партиите

А1он