(ИНТЕРВЈУ) Д-р Маја Шушлевска: Ковид-19 може да предизвика трајни оштетувања на срцето, потребни се редовни контроли

Од:

За последиците што ги остава Ковид-19 врз организмот на пациентите кои го прележале вирусот се уште нема доволно податоци ниту на светско ниво, со оглед на тоа што светот се уште се справува со напливот на нови пациенти. Она што досега е познато е дека најголемиот број пациенти кои потешко се справуваа со последиците од коронавирусот, имале одредени хронични заболувања, од кои најчести се срцевите болести и дијабетот.

Во познатата „Фејсбук“ група кај нас каде пациентите споделуваат искуства од справувањето со Ковид-19, често може да се прочита дека дури и неколку месеци по прележувањето на вирусот, дел од луѓето се соочуваат со тахикардии, чувствуваат замор, а дел имаат висок крвен притисок, состојби кои претходно ги немале.

За тоа какви последици врз здравјето може да остави Ковид-19 и како пациентите да се справат со нив, разговаравме со Др.Маја Шушлевска Павковска, специјалист интернист од приватната интернистичка ординација „Д-р Маја Шушлевска“.

Многу пациенти кои прележале Ковид-19 се жалат на тахикардии, односно покачен пулс, иако претходно не се соочувале со ваков проблем. Имате ли сознанија на што се должи тоа и што им се препорачува на овие пациенти?

-Пореметувањата на срцевиот ритам може да се јават во различна форма, во склоп на општата инфекција со вирусот како и кај останатите вирусни или бактериски инфекции, поради покачената телесна температура, загубата на електролити, намалена концентрација на кислород во крвта, како несакан ефект од одредени лекови, но и како резултат на воспалението на срцевиот мускул, кога се и посериозни. Всушност постојаните и сериозните облици на аритмии (атријална фибрилација, коморни тахикардии) треба да предизвикаат сомневање за срцева повреда и нејзина брзо дијагностицирање и лекување. Истите се дијагностицираат со електрокардиограм ЕКГ, а асоцираните срцеви заболувања со ехокардиографија и лабораториски анализи.

За последиците што ги остава коронавирусот малку се знае, но, според она што го гледате кај пациентите, на што најчесто се жалат луѓето кои имаат или прележале Ковид-19, кога станува збор за кардиоваскуларните проблеми?

-Пациентите вообичаено се жалат на интензивен замор, забрзан срцев пулс во мирување и кој претходно го немале, прескоци во работата на срцето, промени во крвниот притисок, кој во раната фаза на опоравување е понизок во однос на претходната состојба пред да заболат од Kовид-19 или пак е многу варијабилен. Честопати имаат загуба во телесната тежина, намален апетит, нарушувања во помнењето, сонот,  анксиозност.  Морам да истакнам дека спектарот на клиничката слика кај заболените е широко варијабилна: ковид кај пациенти со срцеви болести и оштетувања на срецто од различен степен се презентира во лесна форма или пак пациенти, претходно без значајни заболувања и со лесна форма на болеста, се здобиваат со постojани оштетувања на срцевиот мускул (и/или белите дробови или други органи).

Според досегашните сознанија, како најчести коморбидитети кај лицата со потешка клиничка слика на Ковид-19 се посочуваат кардиоваскуларните проблеми и дијабетот. На што се должи ова?

-Коморбидитетите како претходни срцеви заболувања (артериската хипертензија како убедливо најчеста) и дијабет се поврзани со потешка клиничка слика. Тоа се должи на различни причини, пред се на хипоксијата, намалениот кислород во срцето при белодробната пнеумонија, зголемениот обем на срцевата работа во услови на тешка инфекција, загубата на електролити, директната повреда на срцевиот мускул од вирусот или поради откочена имунолошка реакција која се одвива во срцевите клетки, а има за цел елиминирање на вирусот. Вирусот може да ги напаѓа клетките од внатрешниот слој на крвните садови на срцето – ендотел и може да предизвика нивно тромбозирање – запушување. Многу често се случуваат ненадејни тромботични настани во белодробните артерии (во мозокот и крвните садови на срцето) поради нарушување на хемостазата, способноста на крвта да ја одржи рамнотежата помеѓу коагулацијата и крварењето во правец на склоност кон тромбоза, исклучителна карактеристика на ковид вирусот во споредба со останатите вируси.

Во однос на дијабетот, тој се смета за хронична инфламаторна состојба со повеќеорганско засегање: кардиоваскуларен систем, бубрези, мозок, присутен е кај повозорасната популација каде се очекуваат повеќе придружни заболувања и во основа се смета дека веќе постојат нарушувања во малите и големите крвни садови и латентно или манифестно оштетување на органите, како и зголемена склоност кон тромботични настани.

Специфична карактеристика кај ковид инфекцијата е дека вирусот има афинитет кон бета клетките на панкреасот кои се одговорни за секреција на инсулин, па оттаму појава на новонастанат дијабет и склоност кон акутни компликации како кетоацидоза која може да биде витално загрозувачка.

Би сакала да напоменам дека дебелината е многу често асоцирана со компликации при ковид инфекцијата поради повеќе причини. Прво, поради рестриктивниот ефект на абдоминалното масно ткиво врз белите дробови односно вентилацијата која тие ја вршат, што значи дебелината го отежнува нормланото дишење на белите дробови, потоа се јавува намалено крвоснабдување на белодробните алвеоли поради интраваскуларна дисеминирана коагулација.  Дебелината е протромботична состојба со нарушување на коагулацијата и склоност кон тромбоза и многу често кај луѓето со БМИ над 35 кг/м2 се дијагностицира длабока венска тромбоза. Таа е акутна ургентна состојба и бара брз тераписки пристап. Конечно, дебелината како и дијабетот се состојби со нарушување на имунолошкиот систем и излачување на инфламаторни медијатори – цитокини, со тенденција кон тивки, но постојани оштетувања на органите.

Освен регуларните мерки за заштита (носење маска и држење дистанца), кои се вашите препораки за лицата кои имаат срцеви заболувања во екот на оваа пандемија, особено кога голем дел од граѓаните седат дома?

Мојата препорака до пациентите со срцеви заболувања е да го јакнат имунитетот, да бидат умерено физички активни особено на дневна светлина и до степен кој е компатибилен со нивната состојба, да имаат квалитетен и редовен сон и да прават редовни контроли. Секако треба да ги контролираат  придружните заболувања.

Според она што досега е утврдено, има ли некаква информација дека коронавирусот може да остави трајни последици врз срцето или врз внатрешните органи?

Ковид вирусот потенцијално може да предизвика постојани оштетувања на срцевиот мускул и веројатноста за тоа е поголема кај пациентите со претходна историја за срцеви болести, но може да се случи и кај претходно сосема здрави луѓе.

Механизмите за тие оштетувања можат да бидат различни, во склоп на целата инфламаторна состојба, како директно оштетување на миоцитите поради нивна експресија на АЦЕ 2 рецепторот кој вирусот го користи на навлегување во клетките, вирусот може да предизвика реакција на имунолошкиот систем и притоа ги повредува сопствените ткива – како срцевите мускулни клетки и вирусот може да го оштети ендотелот, па притоа се јавува тромбоза во крвните садови на срцето. Степенот на оштетување зависи од количината на вирусот – инфективната доза, имунолошкиот одговор на организмот како и од придружните болести. Како трајна последица може да се јави срцева слабост. Ковид вирусот може да предизвика трајни оштетувања на белите дробови, бубрезите,  мозокот и другите органи, па оттаму се и апелите луѓето максимално да ги почитуваат сите мерки за да се заштитат и себе и околината.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Интервју со Димитриевски: Исклучувам постизборна коалиција со СДСМ, дел од раководството треба да одговара

Александар Тодески

(ВИДЕО) Интервју со Огненовски: Треба да имаме доживотни и смртни казни за сите што ја пљачкаат Македонија, да се конфискува се што е нелегално стекнато од 1991 година наваму

(ВИДЕО) Интервју со Таравари: Рама и Курти ме поддржаа да се кандидирам, тоа не е мешање во Македонија, поддршка може да даде секој

(ВИДЕО) Интервју со Ванковска: Да излеземе од НАТО, а договорите со Грција и Бугарија да се поништат, ако мислиме дека не може, тогаш сите во Вардар

Александар Тодески

(ВИДЕО) Интервју со Јакимовски: Ако до 2030 година не влеземе во ЕУ мора да најдеме алтернатива, ова стана поигрување со нацијата

Александар Тодески

Карлсон: Ме следеа пред разговорот со Путин

Горан Наумовски