ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија го поддржува единствениот и усогласен пристап на сите верски заедници во Македонија, во врска со предлог-законот за родова еднаквост и јасно искажаниот унисон став ПРОТИВ носење на Законот со таков наслов и содржина.
„’Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат во хармонија…’ Псалм 133:1
Сите верски заедници во Македонија, значи целото духовно тело, едномислено е против предлог Законот за родова еднаквост.
МПЦ-ОА, Исламската заедница, Евангелско- методистичката црква, Католичката црква, Еврејската заедница, Евангелско-протестантската иницијатива како тело кое е збир од сите протестантски цркви и заедници во Македонија, сите се едногласно против предлог законското решение за родова еднаквост“, велат од Интегра.
„Политичките партии мора да го следат таквиот пример, да се изјаснат унисоно и да потпишат документ против родовата иницијатива. Се’ што дише опозициски мора да влезе во партнерство против ова законско решение кое ни го носи злото во општеството и го загрозува природниот нормален човеков ред и поредок, но претставува и латентна опасност за сериозни застранувања во воспитно-образовниот процес во основните училишта во Македонија и внесување забуна кај младата генерација ученици.
Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ, Левица и сите политички партии од патриотскиот опозициски блок, да ги оставиме, за момент, разликите настрана и партнерски И тематски да се сплотиме околу уривање на ова предложено законско решение за родова еднаквост.
Опозициските политички партии се должни да го следат пулсот на македонската традиционална јавност, а особено пораките од духовното свештенство и верските заедници во Македонија“, соопштува Интегра.