Државната референтна лабораторија за испитување на квалитет на води при ЈЗУ „Институт за јавно здравје на РМ“ вчера одби да анализира примерок вода од градскиот водоводен систем од Гевгелија.
Носителите на примерок вода од иницијативата „АРСЕНА“ беа одвратени со зборовите: не работиме, денес е 8 март, потоа со образложението дека немаат реагенси за некои од елементите за испитување. А, кога гевгелиските жители побарале сепак да биде примен примерокот вода за физичко-хемиска анализа беа одбиени со објаснувањето: „Ни’ правите проблеми, после ни’ реагираат институции“.
ЈЗУ „Институт за јавно здравје на РМ“ работи во состав на Министерството за здравство. Ова институција по закон е должна после секоја негативна анализа да реагира соодветно одредбите на Законот за води и Правилникот за квалитет на води. Досега граѓанската иницијатива АРСЕНА има направено четири анализи за вода и истите ги достави до девет надлежни институции во државата со цел да се превземат мерки за заштита на населението и да се обезбеди чиста вода за пиење за гевгеличани.
– „Наместо решенија, сведоци сме дека институциите се затвараат во своја одбрана. Денеска не ги примија примероците вода од Гевгелија и Богородица, каде жителите се жалат на неиспавен квалитет на водата од градскиот водоводен систем од Гевгелија. Ни рекоа дека знаат за арсенот и дека водата е забранета за употреба. Од што се плашат тогаш? Од член 234 од Законот за водите на РМ, кој ги погодува сите оние институции и раководни лица кои дозволиле арсенот и после триипол години од изречената забрана за употребаи и понатаму да се испорачува низ градскиот водоводен систем во Гевгелија“, прашуваат од АРСЕНА.
Граѓанската иницијатива АРСЕНА со направените анализи на вода во октомври минатата година достави УРГЕНЦИЈА за високо ниво на арсен во гевгелискиот водовод, со БАРАЊЕ за превземање конкретни мерки до Министерство за здравство на РМ, Агенција за храна и ветеринарство на РМ, Агенција за храна и ветеринарство на РМ – ПЕ Гевгелија, Државен инспекторат за води, Министерство за животна средина и просторно планирање, Државен здравствен санитарен инспекторат, Дирекција за храна и ПРЕСТАВКА до Јавното Обвинителство на РМ – Подрачно Одделение Гевгелија. Наместо да му „пресудат“ на отровниот арсен во гевгелиската вода институциите ги затворија своите работни надлежности пред граѓаните.