Треба да се зголеми свесноста не само кај работниците, туку и кај работодавачите и здравствените работници за ефектите кои може да ги има депресијата врз здравствената состојба и работната способност на работниците. Битно е да се посвети внимание на психо-социјалните фактори кои се присутни во работната средина и на раното препознавање на симптомите на оваа болест.
Oва денеска го истакна научниот соработник во Институтот за медицина на трудот на Република Македонија, Драган Мијакоски пред стручниот состанок, кој го одржуваат во соработка со канцеларијата на Светската здравствена организација и со поддршка од Министерството за здравство, а во рамки на одбележувањето на 7 април, Светски ден на здравјето.
Целта на овој состанок, посочи, е зголемување на свесноста кај сите клучни партнери кои се вклучени во безбедноста и здравјето на работниците и на тој начин би се овозможило полесно препознавање на болеста и примена на превентивни мерки и различни тераписки модалитети.
– Институтот за медицина на трудот на Република Македонија, кој е колаборативен центар на СЗО, секоја година традиционално го одбележува Светскиот ден на здравјето, кој оваа година е посветен на депресијата. На состанокот ќе ја разгледаме депресијата од аспект на здравјето и безбедноста на работниците, односно од аспект на нивната работна способност, рече Мијакоски.
Нагласи дека меѓу големиот број фактори кои може да доведат до појава на депресија големо значење имаат и оние од работната средина, а се истакнуваат и психо-социјалните фактори кои може да доведат до појава на стрес поврзан со работата.
Појасни дека според сознанијата на Институтот за медицина на трудот и на останатите служби за медицина на трудот, се поголем е опфатот на работници кои се прегледани со превентивните медицински прегледи, при кои се повеќе внимание се посветува освен на класичните штетности и опасности, како што се хемикалии, бучава, вибрации и на психо-социјалните штетности.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека кога лицето е под депресија се зголемува бројот на денови на негово отсуство од работа, а се јавува и еден феномен наречен презентизам, што значи дека работникот е присутен на работното место, но не ја извршува квалитетно својата работа.
– Затоа со овие кампањи се трудиме и на работниците кои имаат некаков проблем кој наликува на депресија да ги охрабриме да го кажат или на колегите или на работодавачот со цел да се изнајде начин да им се помогне, истакна Мијакоски.
Од Институтот за медицина на трудот посочија дека во Република Македонија, според податоците на Фондот за здравствено осигурување, лековите за нервниот систем се третата најпотрошувана група лекови според вкупниот износ во 2016 година, со 3,37 милиони рецепти, а финансиските средства се 8,9 отсто поголеми споредено со 2015 година односно изнесуваат 397,6 милиони денари во 2016 година (околу 6,5 милиони евра).
Според тие податоци на Фондот, од оваа група лекови, лекови на рецепт во аптеките во 2015 година подигнале 413.548 осигуреници на Фондот, од кои 216.024 осигуреници подигнале рецепт за дијазепам.