Иницијативата на Тодор Петров за собирање потписи за референдум в понеделник ќе се најде на седница пред пратениците. Петров бара да се распише дополнителен референдум на територија на цела држава кој би гласел „Дали сте за промена на името на државата Македонија во Северна Македонија?“ За да успее граѓанската иницијатива потребни се 150.000 потписи , кои Петров ќе може да почне да ги собира, ако предлогот помине во Собранието.
Неговата иницијатива претходно беше оценета како уредна на двете матични комисии, Законодавно-правната и Комисијата за политички систем, со неколку технички забелешки.
„Прашањето е прецизно формулирано. Со иницијативата за дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Македонија граѓаните ќе ја проверат претходно донесената одлука за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија на седницата одржана на 11 јануари оваа година со амандманите на Уставот и Уставниот закон за нивно спроведување“, образложи Петров.
Петров е оптимист дека ќе ги собере потребните потписи во наредните три месеци бидејќи подрачните канцеларии на ДИК ќе работат во повеќе смени поради претседателските избори.
Галена Николовска-Ризвановиќ