Предлози за подобрување на постојните законски и подзаконски постапки, барања и услови кои произлегуваат од законите за животна средина, беа презентирани денеска на инфо сесијата „Законските прописи од областа на животната средина, постапување со отпад од електрична и електронска опрема во функција на развој, унапредување и конкурентност на компаниите“.
Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање, истакна дека во моментов во Министерството се подготвуваат измени и дополнувања на постоечкиот закон за управување со електрична и електронска опрема и законот за батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.
– Има колективни постапувачи за управување со отпад од електрична или електронска опрема. Потребно е да постои соработка меѓу колективните постапувачи со отпад и општините за да може да се собере овој вид отпад што потекнува од домаќинствата но и отпад како што е електрична и електронска опрема и батерии и акумулатори, рече таа.
Очекува со овие закони да се подобри менаџирањето со електронскиот отпад и оти целта е хармонизација со новата законска регулатива на ЕУ.
– Интересот за усогласување на законодавството пред се е за доброто на државава. Добро законодавство значи подобра животна средина, рече Мазневска.
Извршната директорка на МАСИТ Анита Никова рече дека целта е да се направи преглед колку е добра моменталната законска регулатива, кои се главните проблеми на компаниите, што досега функционира во тековниот закон и што дополнително би можело да биде изменето за полесно да функционираат законите.
– Ова се закони кои ги вмрежуваат и компаниите и општините, и останатите чинители во општеството, така што ќе разгледаме дел од прашањата кои се проблематичмни и ќе дадеме и предлог решенија кои подоцна ќе бидат воведени во новите измени во двата закони, посочи таа.
Истакна дека постојат одредени рокови до кога Македонија треба да го среди менаџирањето со отпадот, дел од нив се запазени, дел не се, додека дел дополнително ќе бидат пролонгирани.
Учесниците на сесијата беа запознаени со разграничените одговорности помеѓу чинителите во постапувањето со отпадот од електронска и електрична опрема, со цел воспоставување на ефикасен систем за управување со отпадот, како и минимизирањето на негативните влијанија од отпадот од електронска и електрична опрема.
Проектните активности ги спроведува ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал и четирите клучни партнери Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на Стопански Комори на Македонија.