Директорот на Акционерското друштво за изградба и сопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов денеска во регионалната подружница во Штип имаше средба со граѓаните и станарите кои живеат во станови и објекти со кои стопанисува ова акционерското друштво. Грозданов вели дека во Штип имаат 166 семејства кои користат станови по два основи, по програмата ФП1340 и за лица корисници на постојана социјална парична помош, самохрани родители и за деца без родители.
– Во последниот оглас кој што го имавме тука беше пријавена група од 160 граѓани, кои што имаа потреба, некои од нив исполнуваа услови, некои од нив не. Но денеска сме сведоци дека има потреба за дополнително разгледување и размислување за изградба на дополнителни станови за граѓаните од Штип, како би обезбедиле кров над главата на лицата кои користат постојана парична помош, самохрани родители и за децата без родители. Би сакал да напомнам дека во оваа програма во размилсување сме во периодот кој што следува, кога ќе направиме целосно реализирање на проектите кои што ги имаме да се вратиме повторно во Штип, како би зацртале можност за изградба на уште една ваква зграда, вели Грозданов.
Тој истакна дека се разгледува и можноста за изградба и на комерцијална зграда во центарот на Штип, а становите ќе можат да ги купат оние лица кои имаат финансиска можност.
– Во изминатиот период извршено е едно сондирање, анкета во која што сепак Штип како жив град има потреба од се уште градење на комерцијални згради, кои што ќе бидат наменети за оние лица, кои се финансиски моќни, ќе ги разгледаме локациите, па ќе донесеме понатаму одлука за можна градба на комерцијални станови, вели Грозданов.
По програмата ФП1340 за откуп на станови се пријавиле шест семејства, со кои веќе се склучени и договори за откуп на становите во кои живеат. Грозданов вели дека денеска имал и средба со граѓаните со цел да увиди дали регионалната подружница е вистински нивен сервис. Вакви информативни средби директорот на Акционерското друштво за изградба и сопанисување со станбен и деловен простор ќе има и во други градови.