Именувани претседател и тројца членови на Регулаторната комисија за енергетика

Од:

Пратениците во Собранието денеска на 50. седница ги изгласа претседателот и тројца членови на Регулаторната комисија за енергетика. Опозицијата гласаше против предлозите, спорејќи ја незвисноста на кандидатите.

За претседател е именуван Марко Бислимовски, а за членови Наташа Вељановска, Атанаско Тунески и Гуштрим Рамадани. Регулаторната комисија за енергетика има уште тројца членови, кои беа претходно избрани.

Пратениците од опозицијата обвинија дека со изборот на членовите на Комисијата се прави рушење на независноста на ова регулаторно тело.

– Ова владејачкото мнозинство многу ветуваше дека Собранието ќе има контрола врз власта, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Цуклев.

Покажа слика од Тунески како зборува на прес-конференција на СДСМ, а претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев обвини дека Наташа Вељановска во Регуларотната комисија доаѓа од Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

– До вчера Анѓушев беше најголем играч на пазарот на електрична енергија, рече Цуклев.

За Данев, пак, изборот на Вељановска, која изминатите девет месеци работела во Кабинетот на вицепремиерот, е потценување на интелегенцијата не само на пратениците туку и на граѓаните.

– Ние не ја спориме нивната професионалност, туку нивната независност. Ова е крај на освојувањето на Регулаторната комисијата од Анѓушев, обвини Данев.

Хари Локвенец од СДСМ посочи дека Вељановска е професионалец и дека работела во Регулаторната комисија, а во Кабинетот на еден вицепремиерите помагала во изминатите месеци.

– Исклучително посветен професионалец, вклучен во работата на Регулаторната комисија, а девет месеци помага во еден од Кабинетот на заменик претседателите на Владата, истакна Локвенец за Вељановска.

Горан Милевски од ЛДП, пак, го потсети Цуклев дека од 2006 година неколку години претседател на партиската Комисија за енергетика во ВМРО-ДПМНЕ бил токму Тунески.

– Прашајте се зошто ви избегал, рече пратеникот од владејачкото мнозинство.

Милевски сугерираше дека е потребно да се избираат непартиски професионални кадри во сите институции, а Тунески кој бил и во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, би можело да се смета за консензуален кандидат.

Реџаиљ Исмаили од ДУИ кажа дека Гуштрим Рамадани е еден од професионалците во оваа област кој се вратил од Австрија да работи во Македонија. Член е на Регулаторната комисија од 2013 години.

Собранието го избра Максут Али за претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, додека за членови се избрани Ментор Јакупи, Дарко Саздов, Борче Божиновски и Марина Макенаџиева.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ при гласањето за дневниот ред имаше забелешки за носење на закони по скратена постапка, иако, како што рече координаторот Данев, владејачкото мнозинство ветило дека носењето на закони по скратена постапка ќе стане минато.

Данев реагираше зошто по скратена постапка Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење, предложен од пратеници од владејачкото мнозинство, се носи по скратена постапка. Обвини дека владејачките партии сакаат побрзо да направат смени на директорите во училиштата и затоа имаат потреба за брзо менување на овој закон. Тој посочи дека ЕК веќе собира забелешки за новиот извештај и оти освен името ќе не ценат и за други работи.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев досега Собранието донесло 157 закони од кои 114 во редовна и 43 по скратена постапка односно 30 отсто, а за шест од нив кои биле консенсуални гласале и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

– Во време на ВМРО-ДПМНЕ 85 отсто од законите во Собранието беа носени по скратена постапка, а некои од нив и без присуство на опозицијата, рече Тунтев.

На седницата беа изгласани и повеќе закони во второ читање.

Седницата ќе продолжи по редовната едночасовна пауза на Собранието.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште