Локалните избори во Македонија беа тест за новата Влада, но и за граѓаните, кои повторно одлучуваа меѓу демократијата и авторитаризмот, односно за иднината на Македонија, наведува во својата најнова анализа Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана.
– Двата политички блока (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ) во изборната кампања водеа жестока политичка борба да ги уверат граѓаните на Македонија дали ќе продолжат политичките промени започнати на 11 декември 2016, кога се одржаа предвремените парламентарни избори кои доведоа до соборување на режимот на Никола Груевски, или ќе дојде до евентуално враќање на старата позиција во која апсолутен господар беше двоецот Никола Груевски – Сашо Мијалков и ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во анализата.
ИФИМЕС посочува дека граѓаните на Македонија со уверливо мнозинство на локалните избори се определиле дека сакаат слобода, подобра иднина и продолжување на промените и реформите, што претставува силен импулс и поддршка за новата Влада.
– Граѓаните на Македонија покажаа дека може без насилство и со пенкало в рака на избирачките места, да се урне режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, се посочува во текстот на Меѓународниот институт.
Натаму се наведува дека „граѓаните со голема доверба кон владејачката коалиција предводена од СДСМ, дефинитивно го поразија режимот на Груевски и започнаа нова епоха во која повеќе нема да има незаконско прислушување, криминал, корупција, непотизам, контролирани медиуми, енормна сиромаштија, масовно иселување од државата и страв меѓу граѓаните“.
Аналитичарите сметаат дека граѓаните во Македонија во првиот круг од локалните избори покажале голема свест, политичка зрелост и одговорност и оти по примерот на останатите во регионот, дека закоравениот и омразен режим може легално и легитимно да се урне со пенкало в рака на изборите. Тоа може да биде силен сигнал и порака до граѓаните на Србија, БиХ и другите држави во регионот, дека на изборите може да се врати „украдената“ држава и демократијата на оние на кои им припаѓа, а тоа се граѓаните на Македонија, се истакнува во анализата.
– Покренатиот процес на ослободување на „заробената и украдена“ македонска држава по овие локални избори, повеќе никој не може да го запре, се наведува во документот.
Натаму во текстот се посочува дека реформата во правосудството е од најголемо значење за изградба на институциите на државата и враќање на довербата на граѓаните во тие институции. – Правната држава е истовремено и најголем заштитник на граѓанските слободи, кои во Македонија во изминатите 12 години беа сериозно ускратени и загрозени, оценува ИФИМЕС.
Во Македонија, врз основа на експертскиот извештај на Рајнхард Прибе, кој јасно детектира што се е потребно да се направи во реформата на правосудството низ темелен процес, ќе се покренат процеси кои ќе доведат до воспоставување на институции на правната држава и демонтажа на режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, што остави бројни несогледливи негативни последици во сите сегменти македонската држава и општество, се наведува во анализата.
Правосудните институции, се додава, мора да обезбедат фер и чесни судења и така да се утврди одговорноста и да се санкционираат извршителите на незаконските активности за нивното 12-годишно владеење. Притоа, смета ИФИМЕС, од голема важност е улогата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
– Еден дел од членството и одделни претставници на ВМРО-ДПМНЕ веќе се дистанцираа од Груевски и неговите соработници, и сака да се ослободи од хипотеката на криминалот извршен во нивно име, што отвора можност да се формира нова конзервативна партија, која е неопходна на македонската политичка сцена, оценува ИФИМЕС во анализата за локалните избори во Македонија.
Понатаму во документот се додава дека во мултиетничкото општество, какво што е македонското, важно е да се воспостави етничка хармонија и баланс на сите етнички заединци кои живеат во Македонија (Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи и Бошњаци…), а тоа може да се обезбеди преку здрава политика на интеграција, која ја уважува различноста и истовремено е свесна дека обединувањето во различностите може да обезбеди просперитет на Македонија и на сите нејзини граѓани.
– Поради тоа, од посебна важност е да се воспостави силна правна држава како институционален гарант за заштита на секој нејзин граѓанин, но и нова политичка култура што ја воведува премиерот Заев. Македонија е земја на многубројни различности и поради тоа е важно соодветно да се управува со постоечките различности кои можат да се искористат како предност кон обезбедување напредок на земјата и нејзините граѓани, се наведува во анализата на ИФИМЕС.
Во текстот се додава и дека новата Влада мора да посвети повеќе внимание и средства за развој на локалните заедници, кои досега биле занемарени и се наоѓаат во големи проблеми.
Аналитичарите сметаат дека првиот и вториот круг од изборите се важен чекор на патот на Македонија кон полноправно членство во НАТО и ЕУ и потврда на стабилноста и определеноста на граѓаните на Македонија за евроатлантските интеграции.
Се очекува земјата да добие позитивно мислење на ЕК и да започне преговори со Унијата. Македонија го заврши својот период на самоизолација и во целост се сврте кон евроатлантските интеграции и добри односи со соседите, бидејќи држава која се наоѓа на своевидна географска и политичка крстосница само така може да ја обезбеди својата перспективна иднина, се заклучува во анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии.