Идната недела се очекува да заврши вакцинацијата на останатите приоритетни групи од т.н. критична инфраструктура – луѓе кои имаат многу контакти во работата. Во најголемиот пункт, салата „Борис Трајковски“, од понеделникот со вакцини „Спутник“ се имунизираат припадници на војската и полицијата, здравствени работници, наставници од прво до трето одделение и воспитувачи во градинките.
Следната недела ќе бидат вакцинирани вработени во обвинителството, судовите, инспекциските служби, новинарите и медиумските работници.
Паралелно тече и вакцинацијата на лица над 77 години со вакцината „Астра Зенека“ во пунктовите во здравствените домови низ земјава. Како ќе стигнуваат нови дози, ќе се спушта и старосната граница за да бидат имунизирани што поголем број граѓани и да се достигне опфат од 60 до 70 отсто за колективен имунитет.
Според најавите овој месец се очекуваат околу 300 000 дози: 200 000 на „Синофарм“ од Кина, околу 11 000 од директниот договор со „Фајзер“, 25 илјади вакцини преку трипартитните договори со земјите членки на ЕУ, нова количина од руските „Спутник“ и останатите дози на „Астра Зенека“ преку Ковакс-системот.