Пратеникот и лидер на Партијата за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски, ѝ предлага на Владата да го субвенционира вработувањето на Ромите со цел да се стимулира присуството на оваа етничка заедница на пазарот на трудот. Како што вели пратеникот, причина за ова барање е фактот што 65 отсто од Ромите се изјасниле дека при вработувањето постојат стереотипи и предрасуди, како и дискриминација.
– Со субвенционирањето при вработување би се надминале пречките, односно стереотипите, предрасудите и дискриминацијата. Не само тоа, туку и би постоела поголема заинтересираност кај работодавачите поради субвенционирањето на работните места – смета Ибраимовски.
Од партијата упатуваат прашање до Владата во врска со странските инвестиции, зошто не се преземат мерки за отворање фабрика во населби каде што живее ромско етничко население.
-Тоа е еден од начините како може да се вработуваат и да добијат работна навика, а не да станат паразити и да бидат зависни од социјална помош – додава пратеникот.
Како што наведува Ибраимовски во делот на вработувањето, 55 отсто од Ромите се изјасниле дека нема никакво подобрување, туку само бришење од евиденција во Агенцијата за вработување.