Луѓе пиштат и бараат спас. Примателите на социјална и посебна парична помош зачестено добиваат налози од извршители за наплата на долг за неплатена радиодифузна такса. Крајно револтирани и потиштени се прашуваат како да скусат од устата на своите гладни деца за да ја платат радиодифузната такса, кога она што го примаат е околу 2.000 денари месечно?
Избезумени велат дека и тие, мизерни и понижувачки износи, им се блокирани, и нема да ги добијат додека не се стокми сумата потребна за јавниот информативен сервис, којпатем и не е тоашто треба да биде.
Каде е спасот? Што треба да се стори за да не се уништува животот на овие луѓе и нивните гладни деца?
Јавно ја повикувам Комората на извршители на Република Македонија да се изјасни дали извршителите се надлежни за наплата на долгот по основа на радиодифузна такса како јавна давачка? Дали се навистина „извршители на правдата“, како што сакаат да се декларираат? Дали кога пред себе имаат социјални случаи не го кршат членот 5 од Законот за извршување во кој стои дека извршувањето не се извршува „врз предмети и врз права кои се нужно неопходни за задоволување на основните животни потреби на должникот“? Дали некој извршител ќе се одважи и ќе му го врати нотарскиот акт на нотарот со укажување дека УЈП треба да ја примени присилната наплата според Законот за даночната постапка, а не да применува приватно извршување?
Јавно ја повикувам Комората на нотари на Република Македонија да се изјасни по прашањето дали е во духот на правниот систем на оваа држава, бидејќи стварен доверител е Република Македонија, а органот за собирање на јавните давачки е само извршен орган и настапува во нејзино име, но од неразбирливи причини не ги користи законските овластувања за спроведување на присилна наплата. Зошто тој ист орган, не го користи своето законско овластување и не споведува присилна наплата, туку прибегнува кон приватно извршување?
Јавно ја повикувам УЈП да се изјасни зошто применува приватно извршување, а не присилна наплата според членовите 124 -156 од Законот за даночната постапка? Според член 2 од овој закон, УЈП управува со даноците и другите јавни приходи како и со споредните даночни давачки, па според тоа, таа е надлежна да ја спроведува целокупната даночна постапка, а не да бира кој дел од таа постапка ќе ја процесира, а кој не. Зошто УЈП со посегнување на приватно извршување ги изложува должниците на несразмерни трошоци во однос на главниот долг? Зар на овој начин се штитат правата и интересите на даночните обврзници? Зар на овој начин се заштитуваат даночните извори, како една од основните задачи на даночниот орган?
Јавно ги повикувам претседателите на основните судови кога решаваат по приговорите поднесени по член 77 од Законот за извршуавање да размислат за заштитата на достоинството, честа и угледот на овие луѓе западнати во сиромаштија, најчесто не по своја вина. Да се запрашаат зошто се применува приватно извршување, а не присилна наплата според Законот за даночната постапка. Да не заборават дека ова е спротивно на словото и духот на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, кога се удира во елементарната егзистенција на овие луѓе.
На крај, го повикувам Министерството за труд и социјална политика да се изјасни зошто се казнуваат овие луѓе со удар во елементарната егзистенција? Зарем овие луѓе не се граѓани на оваа држава, која се прогласила и за социјална држава? Каде е тука законодавната, институционалната и професионалната одговорност за заштита на оној што води секојдневна немилосрдна битка за егзистенција? Зошто се фаворизира позицијата на Јавниот информативен сервис, кој воопшто не е тоа?, се вели во соопштението на Самка Ибраимовски