Пратеникот Самка Ибраимоски од Партијата за целосна еманципација на Ромите денеска, на официјална средба во Американската амбасада во Скопје, се пожали на враќањето на Ромите од граничните премини и непочитувањето на универзалната декларација за човекови права за слободно движење, соопшти неговата партија.
– Високиот претставник за човекови права на Американската амбасада во Скопје, Вилиjам Хофман, беше информиран за последниот бран дискриминирачки видео записи и напливот на негативна енергија кон Ромите на социјалните мрежи особено на новинарот Миленко Неделковски, кој со неговите јавни навредувачки ставови ја понижува Ромската заедница – стои во соопштението.
На средбата, пратеникот го информираше високиот претставник за човекови права и пошироко за состојбата на ромската заедница и за неспроведувањето на декадата и стратегијата за Ромите за која Република Македонија презела обврска за потпишувањето на истата, како и непочитувањето на Рамковниот договор кога е во прашање вработувањето на припадници на ромската заедница во јавната администрација.